Македонија со три победи од три меча го освои првото место во Анкара
Женската ракометна репрезентација на Македонија со победа над Турција од 30-27 го заврши турнирот во Анкара, ги добивме сите три меча и го освоивме првото место.
По победите над Финска и Италија, македонските ракометарки денеска беа подобри и од домашната селекција на Турција.
Првото полувреме го добивме со 16-15, а во вториот дел го зголемивме резултатот и славевме со три гола разлика, конечниот резултат гласеше 30-27.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Сара Ристовска со шест, Јована Кипријановска со пет и Бојана Коцева со четири погодоци. По трипати погодија Теодора Дукоска и Катерина Дамјаноска.
Овој турнир беше главна подготовка за Европското првенство кое во декември го играме во Романија. Таму покрај со домаќинот во група сме и со Швајцарија и Норвешка.



