Македонија и официјално доби заем од 100 милиони евра од ЕУ за справување со последиците од руско-украинската војна 

Одлуката на Европската Унија (ЕУ) за обезбедување макрофинансиска помош во вид на заем за Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина, стапи во сила, откако денеска официјално е објавена во Службениот весник на Европската Унија.

Одлуката што Советот за општи работи (ГАК) на Унијата едногласно ја одобри минатиот понеделник, е потпишана од претседателката на Европскиот прламент, Роберта Мецола и од шпанскиот државен секретар за Европската Унија, Паскуал Наваро Риос, во името на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.

Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ ја одобри Одлуката на своето заседание во Брисел минатиот понеделник со 27 гласа за и ниту еден против или воздржан. Одлуката, што беше усвоена од страна на Европската комисија на 6 февруари годинава, претходно беше одобрена и од Европскиот парламент на 13 јуни, а на 5 јули и од Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР). 

Во Одлуката се посочува дека економијата на земјава, која ги започна пристапните преговори со Унијата на 19 јули 2022 година, беше значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, како и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби. 

„Владата на Северна Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото“, се наведува во документот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons