Македонија има вишок судии, а нема кој да суди 

Во Македонија има околу 410 судии, а за ефикасно решавање на судските предмети ѝ се потребни околу 630 судии. Ваквите бројки воопшто не соодветствуваат со европските стандарди кои земјава мора да ги исполни на патот кон Европската Унија (ЕУ). Според европските правила на 100.000 жители треба да има по 21,5 судии. Во моментов, во Македонија на истата бројка жители има по 22 судии што е приближно еднакво на европскиот просек, но далеку од потребите на македонското судство.

Портпаролот на Судскиот совет, Љубиша Арсиќ вели дека ваквата систематизација на бројот на судии е направена пред спроведувањето на Пописот 2021 година.

„Според систематизацијата нам ни се потребни околу 630 судии и затоа велиме дека ни недостасуваат судии. Бројката од 630 е добиена по извршени анализи низ сите судови во државата, пред сѐ имајќи предвид колку предмети годишно имаат судовите во работа”, вели Арсиќ.

Нерешените предмети се причина за вишокот судии

Според податоците од Судскиот совет 115.644 нерешени предмети во првата половина од 2022 година е причината зошто Македонија не може да го достигне европскиот стандард од 21,5 судии на 100.000 жители. Токму затоа советот проценил дека 630 судии ќе бидат потребни за да се решат сите заостанати предмети.

„Ние секоја година имаме од 90 до 100 илјади предмети кои се пренесуваат за работа за следната календарска година и тешко е веројатно дека тој прилив некогаш ќе го совладаме со постоечката бројка судии. Затоа е проценето дека бројката од 630 судии би била посоодветна за да се елеминираат сите заостанати предмети и да го доведеме судството во состојба кога ќе нема толкав број на нерешени случаи. Она што во моментов се случува во Судскиот совет, а имајќи ја предвид и систематизацијата со 630 судии, но и бројката од европските критериуми која вели дека и 400 судии се доволни, направени се функционални анализи за сите основни, Врховниот, апелациските и управните судови”, вели Арсиќ.

Ситуацијата дополнително се комплицира затоа што дури по две години застој во мај годинава почна наставата за новата класа 97 кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители. Во моментов на избор од Судскиот совет чекаат 30 веќе завршени кандидати.

Стратегијата за човечки ресурси ќе ги скастри и судовите

Со новите бројки добиени од спроведениот Попис 2021 година дополнително се заоструваат критериумите, не само за бројот на судови, туку тие го отвораат и прашањето за тоа, колку точно судови ѝ се потребни на Македонија.
Европските стандарди бараат ако општината има помалку од 20.000 жители таму да нема суд.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика во Македонија има десетина општини каде има судови, а општината нема повеќе од 20 илјади жители.

Според анализата направена за потребите за изготвување на Стратегијата за човечки ресурси во судската мрежа, а врз основа на бројот на жители не е оправдано постоењето на основните судови во општини како што се Крушево, Ресен, Берово, Виница и Кратово.

„Потребна е нова територијална распределба на судовите што подобро ќе ја одразува постојната состојба на населението, како и целосно искористување на современите случувања и технологии. Во овој поглед, од перспектива на
управување со човечки ресурси, исто така е неопходно да се променат внатрешните организациски структури на судовите. Потребно е редефинирање и унифицирање на судската организациска структура на
судско ниво, со воведување на минимални критериуми. Ова ќе бара измени во законската рамка за да се воведе нова територијална дистрибуција”, пишува во дел од Стратегијата за човечки ресурси во судската мрежа.

Целта на стратегијата е преку реорганизација на правосудството да се постигнат европските стандарди на прведен, ефикасен, функционален и транспарентен правосуден систем.

mkd.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons