Македонија во солидарност со турскиот народ – досега собрани 160.000 евра

Покрај огромен број пакети со храна и облека обезбедени од стоковните резерви на Црвениот крст, до денеска е собрана и финансиска помош од 9.830.992 денари за настраданите во земјотресот во Турција и во Сирија. Турскиот амбасадор во Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, изрази најсрдечна благодарност до македонската Влада, институциите и до народот на Македонија за искажаната моќна солидарност. – Турскиот народ секогаш со благодарност ќе се сеќава на искажаната солидарност и  поддршката – истакна амбасадорот

Граѓаните на Македонија и овој пат ја покажаа својата солидарност на дело. Ова беше констатирано на прес- конференцијата на Црвениот крст на Македонија, на која присуствуваше и турскиот амбасадор во Македонија, Хасан Мехмет Секизќок. При тоа беше истакнато дека заклучно со 7.2.2023 година, преку донаторските телефонски линии, собрани се вкупно 3.363.800 денари, а во Фондот на солидарноста на Црвениот крст се уплатени вкупно 6.467.192 денари финансиски средства, односно вкупно се собрани 9.830.992 денари како финансиска помош за настраданите во земјотресот во Турција и во Сирија.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, информираше дека од стоковните резерви на оваа хуманитарна организација, издвоени се по илјада семејни пакети со храна и хигиенски средства и четири илјади ќебиња.

– Црвениот крст продолжува и понатаму да ја следи ситуацијата во Турција и во Сирија. Во соработка со нашите партнери во меѓународното движење на Црвениот крст и на Црвената полумесечина и одговорните институции во државата, Црвениот крст ќе ги координира и мобилизира хуманитарните напори на граѓаните, компаниите и на други институции, со цел да се обезбеди солидарна поддршка за погоденото население во земјотресот во Турција и во Сирија – истакна Саити.

Тој информираше дека во координација со Амбасадата на Република Турција во Македонија, договорено е во наредниот период активностите да бидат насочени кон собирање хуманитарна помош во финансиски средства.

– Ги поддржуваме напорите и активностите што се однесуваат на донирање материјална помош од фирми и компании, ситни помали донации и помали иницијативи на граѓаните, кои е добро да се пренасочат во собирање финансиски средства, не во материјални добра, бидејќи царинските ограничувања не овозможуваат дотур на таква хуманитарна помош. Со цел да бидеме поефикасни, подиректни и побрзи во помошта, преферираме сите активности заедно да ги координираме и да ги насочиме кон мотивирање на граѓаните и населението да донираат парични средства. Сите тие пари, по завршување на акцијата, ќе бидат префрлени во турската Полумесечина и одблиску тие ќе знаат да ги елементираат хуманитарните потреби на граѓаните – објасни Саити.     

Турскиот амбасадор Секизќок истакна дека Турција се соочува со една од најголемите природни катастрофи во својата историја.

– Двата големи земјотреса што се случија на 6 февруари годинава, причинија огромни штети во 10 града во кои живеат милиони наши жители. Турција со сите  свои институции, невладини организации и илјадници доброволци, ги врши потребните дејности во насока на заштита, спасување и обезбедување на потребите на лицата засегнати од земјотресите во областите погодени од нив. Владата, институциите и целиот народ на братска Северна Македонија, паралелно со Турција, се мобилизираа за закрепнување на раните. Екипите за спасување и заштита од Северна Македонија веќе се пристигнати во Турција со цел поддршка на споменатите дејности. Во најскоро време ќе бидат испратени и дополнителни екипи – изјави Секизќок.

Тој додаде дека Владата на Северна Македонија изразила подготвеност за секаков  вид поддршка за пренесување материјална хуманитарна помош составена од зимска облека, ќебиња, конзервирана храна и храна за бебиња во засегнатите региони и оти Амбасадата на Турција во Македонија и Црвениот крст на Македонија се во тесна соработка за собирање и пренесување на материјалната помош во Турција.

– Македонскиот Црвен крст, освен материјална помош, воедно до турската Црвена полумесечина ќе ја достави и помошта собрана од општините, невладините организации, компаниите и приватните лица, кои потоа ќе бидат  доставени до лицата загрозени од земјотресот. Се планира транспортот на собраната материјална помош да се реализира преку копнен и авиотранспорт. Авиотранспортот на собраната материјална помош во Турција ќе се реализира бесплатно и во координација со Амбасадата и „Туркиш ерлајнс“ – информираше турскиот амбасадор.

Воедно, тој информираше дека на социјалните мрежи на Амбасадата на Република Турција ќе биде ставено детално упатство подготвено од македонскиот Црвен крст за листа на потребна помош, како и процедурите што здруженијата и лицата треба да ги следат за доставување на помошта до Црвениот крст. На крајот, Мехмет Секизќок изрази најсрдечна благодарност до Владата, институциите и до народот на Македонија за искажаната моќна солидарност.

– Турскиот народ секогаш со благодарност ќе се сеќава на искажаната солидарност и поддршката – заврши амбасадорот на Турција во Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons