Лекарите повикуваат на зголемен опфат со вакцинација
По петте потврдени случаи на морбили во земјава, се засилува вакцинацијата. Лекарите ги повикуваат родителите кои ги пропуштиле редовните дози да ги вакцинираат децата, а од вакциналните пунктови велат дека интересот е зголемен.
„Родителите покажуваат интерес да ги донесат најверојатно поради опасноста која е вројатна и следи. Вакцинацијата во претшколскиот диспанзер е со повик, јавување на телефон, а во школскиот диспанзер е преку смс до училиштата каде што организирано со родителите доаѓаат. Дека е засилена вакцинацијата и одзивот е забележливо“, изјави д-р Соња Ралева од Здравствен дом Скопје.
И покрај ова, од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека опфатот со МРП вакцината и натаму е недоволен. Поради новите случаи во земјава и неповолната епидемиолошка состојба во дел од соседните земји, апелираат сите што не ја примиле вакцината да ја надоместат пропуштената доза
„Најмал опфат се центарските општини, како Центар, Карпош и Аеродром, додека другите општини имаат поголем процент на вакцинираност“, изјави д-р Соња Ралева од Здравствен дом Скопје.
Зголемен интерес има и за ХПВ вакцината. Македонија е меѓу земјите што ја проширија имунизацијата против ХПВ не само кај девојчињата туку и кај момчињата.
„Од пред година и половина е дадена и за машки и за женски деца и таа е деветовалентна од реномиран фармацевтски производител и имаме интерес да дојдат да ја примат, родителите некои кои што поминале низ своја емотивна криза поврзана со одредено заболување, а верувајте секое семејство има по некоја таква приказна, доаѓаат и сами ја бараат вакцината“, изјави д-р Соња Ралева од Здравствен дом Скопје.
ХПВ вакцината е дел од националниот календар за имунизација и е бесплатна за девојчиња и момчиња. Се прима пред изложување на вирусот, најчесто во раната адолесцентна возраст, а нејзината цел е да спречи инфекции со типови на ХПВ кои можат да предизвикаат рак на грлото на матката и други малигни заболувања.



