ЛЕКАРИТЕ ВО КУМАНОВО НЕ МОЖАТ ГЛАВА ДА КРЕНАТ Зголемен е бројот на заразени со овчи сипаници 

Епидемиолозите појаснуваат дека периодот на инкубација на вирусот трае од десет до 23 дена, заболените пак се најзаразни дента пред појава на карактеристичниот исип.

Зголемен е бројот на деца заболени од варичела или познато како овчи сипаници во Куманово, информираа денеска епидемиолози од Центарот за јавно здравје.

Лекарите од јавната здравствена установа велат дека трендот на зголемување на бројката на заболени, пред сè деца, почнал од октомври, годинава.

– Станува збор за акутно заболување, карактеристично за детска возраст. Речиси 80 проценти од заболените во Куманово се деца од предучилишна и училишна возраст од нула до 14 години, има и новороденчиња, но и возрасни членови на семејствата на заболените дечиња – изјави доктор Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје Куманово.

Таа појаснува дека станува збор за капкова инфекција, што се пренесува преку кашлање, кивање, говор и преку непосреден допир. Педијатрите ги пријавуваат заболените. Болеста се манифестира со појава на осип што започнува од главата. Лекувањето во најголем дел е во домашни услови бидејќи најчесто, заболените деца поминуваат со лесна клиничка слика, но, има и случаи со воспаление на белите дробови при намален имунитет.

Од заболените возрасни, станува збор за родители кои во детството не ја прележале болеста што остава траен имунитет. Последниов месец регистрирани се 119 заболени, од почетокот на годинава, 352 деца.

Епидемиолозите појаснуваат дека периодот на инкубација на вирусот трае од десет до 23 дена, заболените пак се најзаразни дента пред појава на карактеристичниот исип.

– Значајно за нас е да не настане таа супер инфекција, да не се чешаат тие крастички, убаво да се дезинфицираат рацете, проветрена просторија, богата витаминска исхрана, доколку има температура, користење на симтоматска терапија, купки – додава Стаменковска.

Според податоците на Центарот за јавно здравје Куманово, лани од овчи сипаници биле заболени 94 лица, а претходната година, имало околу 115 заболени. Поради пандемијата, претходните две години беше намален бројот на заболени од варичела. Но, од 2017 до 2019 година, таа бројка изнесуваше од 500 до 700 случаи. Кумановските епидемиолози годинава очекуваат да се достигнат овие бројки.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons