ЛЕБОТ ЗА ЕДНА ГОДИНА ПОСКАПЕ НАД 100 ОТСТО, МАСЛОТО ЗА ЈАДЕЊЕ ЗА 94 ПРОЦЕНТИ…
Владата ги остава работниците и граѓаните сами да се снаоѓаат како знаат и умеат во услови на пост-ковид, економска, енергетска и воена криза со која се соочуваат, пишуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија во својата најнова објава.
„Во изминатиот период, Владата нема слух за потребите на нејзините работници и граѓани и наместо со навремени и таргетирани мерки, наместо со зголемување на плата да влијае директно на стандардот на работниците и граѓаните, истата одбива да ги зголеми односно усогласи платите на нејзините вработени и во оваа економска и енергетска криза ги остава на работ на егзистенцијата.
Претставниците на Владата од нивните удобни фотељи во климатизираните кабинети гледаат розов свет, за разлика од работниците кои и покрај тоа што работат од ден на ден се сѐ посиромашни поради тоа што инфлацијата изнесува 14,5 отсто, синдикалната минимална кошница за една година е зголемена за 5.498 денари односно за 16 отсто, разликата меѓу просечната нето-плата и синдикалната кошница во 2022 година е 7.384 денари, цената на лебот за една година е зголемена за повеќе од 100 отсто, на маслото за јадење за 94 проценти, на горивата за 64,5 отсто, не електричната енергија за 9,4 отсто, на гасот за 64,6 проценти, а не е намалена на ниту еден производ или енергенс“, се вели во соопштението од Синдикатот.
Натаму, како што нагласуваат, работниците работат, а се сиромашни, не можат да си ги прехранат семејствата, а не ги ценат и не им го вреднуваат трудот, а додека државната каса се полни од даноците кои поради зголемените цени се слеваат во државната каса, работниците и граѓаните се мачат да излезат на крај со енормното поскапување, а зимата уште не е ни блиску.
„Без постоење на реални и оправдани причини, Владата постапува спротивно на Уставот во кои е уредена обврската за почитување на правото, законите и целосно функционирање на правната држава, Владата не постапува согласно Законот за минимална плата, другите закони и владеењето на правото и не обезбеди зголемување односно усогласување на платите за најмалку 2.806 денари на сите вработени во јавниот сектор и на тој начин да го амортизира ударот од ценовните шокови кои ги доживуваат работниците секојдневно“, се вели во соопштението од Синдикатот.