Лажни возачки за камиони и автобуси – внатрешната контрола на МВР истражува
Внатрешната контрола на МВР, испитува како вработени во управните служби додавале категории кај возачки дозволи.. Лажните исправи се користеле за управување камион или автобус, иако возачот никогаш не полагал за тие категории на возила.. Според информации објавени во дел од медиумите, лажното додавање на Д или Ц категорија, чинело 1.400 евра.. Овие наводи, сега ги испитуваат надлежните..
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, известено е надлежното Основно јавно обвинителство и во координација со обвинителството се превземаат соодветни активности за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Со случајот е запознаен обвинител од скопското јавно обвинителство, но засега, како што велат за Сител, постапката се уште се води во рамки на МВР.. Таа ќе треба да утврди колкумина вработени во управните служби биле вклучени во изработката на лажните исправи, но и колку такви возачки се издадени.. Лицата за кои сега внатрешната контрола води истрага биле фатени на дело, односно во моментот на додавање на категории кои возачот не ги поседувал.. Според досегашните информации, за да се добие категоријата за камион или автобус, возачот требало да пријави дека ја загубил дозволата, па поднесувал барање за издавање на нова.. Кога доаѓал да се фотографира, тогаш се додавала возачката категорија, па во новата дозвола имал и повисока категорија..
Според информации на Сител, во групата која издавала лажни дозволи се лица кои претходно биле вмешани и во аферата со лажни пасоши откриена пред пет години.. Тогаш на затворски и условни казни беа осудени десетмина вработени во МВР.. Тие, според пресудата, за секој издаден лажен пасош наплаќале по неколку илјади евра.. Користеле податоци од македонски државјани кои никогаш не извадиле пасош, но со фотографии и податоци на странски државјани.. На тој начин биле издадени над 200 пасоши, а дел завршиле во рацете на лица поврзани со криминал и дрога, а барани и со меѓународни потерници..



