Кај украинските бегалци расте интересот за изучување на македонскиот јазик

Се зголемува бројот на украински бегалци кои се сместени во земјава и сакаат со помош на Црвениот Крст да го научат македонскиот јазик, за да полесно се снајдат во средината. 

Сузана Тунева Пауновска, секретар во Црвениот Крст на Град Скопје објаснува дека има солиден интерес за учење на македонскиот јазик, а во Скопје 32 бегалци поделени во две групи за возрасни и една за деца, ќе го учат јазикот. За совладување на материјата нив ќе им помагаат професори. Тунева Пауновска вели дека сличности има меѓу двата јазика, и на повеќето бегалци нема да им биде тешко да комуницираат на македонски јазик. 

„Ќе го учат јазикот два пати неделно, буквално како да посетуваат курс. Дел од нив можеби и ќе останат во Македонија, затоа што имаат роднини овде. Ако го знаат јазикот, ако си најдат работа, може да побараат престој. Секој кој сака да го учи јазикот, може да се пријави. Засега децата учат онлајн, следат настава на тој начин, но ако од септември тргнат на училиште овде, очекуваме дека ќе има поголем интерес за учење на македонскиот јазик. Досега имаме 307 бегалци кои се пријавени и добиле помош од Црвениот Крст за облека, храна, средства за хигиена. Од нив 200 се во Скопје, а другите се во внатрешноста. Летово планираме да организираме и летен камп за децата кои ја напуштиле Украина и се сместени во земјава. Тимови ги посетуваат во домовите за психо – социјална поддршка“, вели Тунева Пауновска.

Таа објаснува дека бројот на бегалци од Украина е поголем, но оние кои се со подобра финансиска состојба не побарале помош од Црвениот Крст. Освен во главниот град, поголем број украински бегалци има и во Охрид, Прилеп, Битола. 

Мимоза Ставрева, секретар во Црвен Крст Охрид вели дека кај нив се регистрирани 22 бегалци од Украина кои побарале помош, тие сакаат да го учат јазикот, а веќе имаат и понуди за работа во локална фирма. 

„Ние ќе се координираме, да им помогнеме да го учат јазикот, затоа што Украинците сакаат да се интегрираат и да не зависат од домаќините, тие со нив да одат постојано каде имаат потреба. Сакаат сами да научат да комуницираат“, додава Ставрева. 

Марјана Тошева од Црвен Крст Струмица вели дека кај нив две лица го учат јазикот и засега добро им оди.

„Супер се снаоѓаат со јазикот. Девојчето е на возраст колку нашите волонтери, и веќе комуницира, граматика совладува, се дружи, излегува на кафе со младите“, објаснува Тошева. 

Таа додава дека има газди на фирми кои се спремни да им понудат работа на бегалците доколку сакаат да работат. 

Вообичаено на бегалците кои пристигнуваат во земјава им се нуди опцијата да го учат македонскиот јазик. Војната во Украина почна на 24 февруари и влезе во четвртиот месец.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons