И по 3 години земјава нема функционален авион за гаснење пожар, првиот се очекува кон крајот на април – другите два поради дефект не заминале на сервис 

Иако е рано, според пожарникарите сезоната на пожари во Македонија веќе е започната. Изминативе денови во скопско, велешко, кумановско, штипско, струмичко беа пријавени поголем број пожари, дел од нив шумски.

Земјава минатата година во летните месеци се соочуваше со огромни шумски пожари, изгореа илјадници хектари шума. Неподготвеноста на македонските институции да се справат со ваква состојба доведе до апели за помош. Институциите затаија во извршувањето на нивните обврски, па на помош дојдоа екипи од повеќе држави кои ја терен ја покажаа својата подготвеност.

Дали оваа година Македонија е подготвена да се соочи со шумски пожари? Еден од главните проблеми минатата година беше и нефункционалноста на авионите за гаснење пожари кои две години беа во хангарите.

По минатогодишните пожари, постапката беше завршена и потпишана одлуката за нивно сервисирање во Шпанија. Процесот на сервисирање, според информациите трае до два месеци, а сервисот е со важност од една година.

Од Дирекцијата за заштита и спасување за Курир велат дека располагаат со три воздухоплови „Ер Трактор“ АТ-802А кои не се во функција да извршуваат специјализирани операции, односно гаснење на шумски пожари.

-Во моменов се очекува примопредавање на првиот сервисиран авион од трите авиони кои ги поседуваме. Останатите два воздухоплови требаше да одат на сервис пред 10 дена, но поради технички дефект на едниот од нив, нивното заминување е одложено до доаѓањето на резервните делови и отстранување на дефектот. Воздухопловите беа планирани да одат во тандем поради запазување на безбедносните услови за летање преку поголема водена површина, велат од ДЗС за Курир.

Појаснуваат дека едниот авион е во завршна фаза на годишен преглед во ТИТАН Шпанија. По сервисот следува основен преглед од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство и се продолжува пловидбеноста на воздухопловот.

-За воздухопловот да биде способен за гаснење на шумски пожари до Агенцијата за воздухопловство се поднесува барање за издавање на Декларација со овластување за вршење на специјализирани операции како што се гаснење на шумски пожари. За гаснење на шумски пожари, еден воздухоплов може да се планира да се ангажира на крај на април, а другите два штом заврши нивното годишно сервисирање, стои во одговорот на Дирекцијата.

Во март месец регистрирани се околу 140 пожари, од кои неколку сериозни, опожарена е поголема површина, нанесена голема штета на овоштарници и шума. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вчера истакна дека штетите се проценети на околу 38,5 милиони евра. И додека од ДЗС велат дека Македонија нема во моментов функционален авион за гаснење пожар, Ангелов го очекува да се врати во секој момент. Очекува и другите авиони да бидат подготвени до почеток на сезоната на пожари.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons