Свет

Италијанската премиерка најави ограничување на бројот на странски ученици

Италија се подготвува да го забрани покривањето на лицето во училиштата и да го ограничи бројот на странски ученици во одделение, изјави премиерката Џорџа Мелони, истакнувајќи ја својата десничарска политичка агенда на собир на млади организиран од нејзината партија.

Италија, поради својата положба во централниот дел на Средоземното Море, е меѓу европските земји што се најмногу изложени на прилив на мигранти, што ја прави миграцијата едно од најчувствителните политички прашања и голем предизвик за низа влади, пренесува Ројтерс.

Интеграцијата на мигрантите, особено на оние од земји со мнозинско муслиманско население, останува спорно прашање во италијанската политика и општество. Дебатите за верските симболи, културната интеграција, правилата за стекнување државјанство и имиграциската политика честопати го делат јавното мислење.

„Наскоро на владина седница ќе биде презентирана мерка со која законски ќе се утврди максималниот број странски ученици по одделение. Исто така, ќе се бара од родителите на странските ученици кои имаат сериозни тешкотии при интегрирањето во училишниот систем да го научат италијанскиот јазик, а носењето бурки и никаби во училиштата ќе биде забрането“, изјави Мелони на годишниот собир на младинското крило на нејзината партија „Браќа на Италија“.

„Ако во класот има само едно дете кое не разбира италијански, веројатно ќе може брзо да го научи јазикот и да се интегрира со помош на своите соученици и наставници. Меѓутоа, ако бројот на деца кои не го разбираат јазикот стане голем – или дури и мнозинство – тогаш повеќе не станува збор за интеграција, туку за занемарување“, додаде таа.

Мелони, како што пренесува Ројтерс, не прецизираше колкав би бил максималниот број странски ученици во едно одделение.

Учениците кои не се италијански државјани сочинуваат 11,6 проценти од вкупниот број ученици запишани во италијанските училишта – речиси 12 на секои 100 ученици, според податоците на истражувачката институција Фондација ИСМУ.

„На училиште мора да се оди со откриено лице и во Италија никој, во име на вистинска или наводна традиција, не може да одлучи дека една млада жена мора да се крие“, рече Мелони.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons