Или опоравување или трансплантација се двете можности за пацинетите со срцеви заболувања 

Мала машина во срцето приклучена на батерии или живот на батерии. Вака  Боре Минов, член на Здружението „Храбро срце“, во разговор за МИА го опишува животот на повеќе од 30 пациенти со механичка потпора на срцето. Најмалиот пациент е неколкумесечно бебе. Овие пациенти немаат едноставен живот. Секоја недела имаат преврски, проверка на електрониката, контроли и еден куп лекарства.

Минов објаснува колку е тешко да се носи срцето со потпора.

„Да објаснам – елват е со една пумпа, каде што на едната комора од срцето се помага за пациентот да функционира, а биват е кога и двете комори мора да се потпрат со механичка потпора и тие лица носат две пумпи. Прво е тежината на тие механизми, затоа што покрај тоа што во срцето се наоѓа одредена машина, и надворешните батерии имаат своја тежина, а тежат од три до пет килограми и пациентот секогаш покрај проблемите што ги има, е оптоварен од тоа што мора да го носи. Тука се и проблемите со капање, движење, со многу работи“, вели Минов.

Минов посочува дека изминатите години пациентите со механичка потпора на срцето имаат голема поддршка од Министерството за здравство. Ваквите интервенции во просек чинат околу 100.000 евра, но трошокот за механичка потпора на срцето целосно го покрива државата.

„Животот на еден пациент пред и после се разликува за 360 степени. Тоа не е едноставен начин на живеење. Тоа е живот на батерии. Пациентот е нон -стоп приклучен на батерии и зависи од таа потпора како понатаму неговиот живот ќе продолжи. Колку е тоа скапо, евтино, тоа е веќе релативно, кога се работи за живот. Но, можам да кажам дека по нашиот македонски стандард, доста е скапо одржувањето на еден таков пациент“, вели Минов.

Некои од пациентите можат да работат, но некои не, а се зависи од тоа, како што вели Минов, во која фаза од заздравување се.

„Можам да кажам дека многу од нив функционираат исто како и останатите луѓе, но има и пациенти кои не можат да функционираат ниту дома, имаат голема тежина, а камоли пак да работат“, истакнува Минов.

Во изминатите пет години расте бројот на пациенти 

Интервенциите главно се прават во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Минов објаснува дека одговорен е доктор Јовев кој, како што вели, создал извонреден тим.

„Не само што имплантираат механички потпори на срце, туку последните години почнаа и со трансплантација на срце. Зборуваме конкретно за срцето, но веќе има трансплатација и на црн дроб, коскена срж, а на бубрег имаше и претходно. Значи тоа е голем напредок“, нагласува Минов.

Минов забележува дека за пациентите со механичка потпора на срцето има две опции – првата опција е да се подобри сопственото срце и механичката пумпа еден ден да се извади, а втората опција е трансплантација. 

„Постои опција сопственото срце да се подобри и механичката пумпа се извади еден ден кога срцето ќе се покаже дека е доволно заздравено. Но, во моментов има многу мал процент, односно мал е бројот на пациентите кои се опоравуваат. Втората опција е трансплатација и за некои пациенти тоа е единственото решение. Постои регистер и тоа е работа на координаторот за трансплатација докторка Маја Мојсова и нејзините помошници. Но, тој регистер е таен, не e од јавен карактер и веруваме дека тоа функционира како што треба, што последните години се покажува дека е така“, вели Минов.

Македонските лекари досега имаат извршено 70 успешни трансплантации на органи

Поклон до земја за семејствата кои ја носат најхуманата одлука да ги донираат органите на некој нивни близок кој починал, велат Маја Мојсова-Мијовска, национален координатор за трансплантација и Борче Минов од здружението „Храбро срце“. Во последните неколку години, оценуваат тие, расте свеста кај македонските граѓани за органодарителството. 

Мојсова-Мијовска појаснува дека за да се изврши трансплантација на орган, мора да се исполнат низа етички, морални и професионални стандарди, но и да се почитува домашната законска регулатива. Дарител на орган може да биде само лице кое починало од мозочна смрт.

„Треба да се докаже таа мозочна смрт. Тоа е потешкиот пат. Треба да има два клинички теста и едно параклиничко испитување за да биде тоа докажано. Откако ќе биде докажано, мора да се испита дали тој пациент носи некакви болести што може да му ги пренесе на реципиентот“, вели Мојсова-Мијовска.

Во моментов, вкупно 140 пациенти чекаат за трансплатација на органи, а бројката, за жал, е зголемена, потенцира Мојсoва-Мијовска. 

Во земјава има програми за трансплантација на срце, бубрег, црн дроб и коскено ткиво. Извршени се 70 трансплантации.

„Во изминатите три-четири години имаме трансплантација на 47 бубрега, два црни дроба, осум срца и имаме 13 трансплатации на коскени ткива. Сите трансплатации се успешни. Пациентите имаат добар, квалитетен живот, живеат нормален живот и се работоспособни“, вели Мојсова-Мијовска.

Во земјава има Закон за трансплантација на органи и органодарителство од 2013 година, но Мојсова-Мијовска открива дека од страна на ЕУ обезбеден е грант за реализација на проект, во кој освен кампањa за подигнување на свеста кај населението за органодарителство, се очекува да пристигнат и експерти од ЕУ, кои треба да укажат во кој дел би требало да има измени во законот со цел тој да се усогласи со европската регулатива.

На оваа тема, најнапредна на Балканот и меѓу првите држави во Европа е Хрватска.

mkd.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons