Зголемена инфлација, нови цени, повеќе пари за синдикалната кошничка…

Стапката на инфлација од 10,5%, не била на толку виско ниво од независноста од земјава. Трошоците за живот во април годинава во споредба со истиот месец лани се зголемени за 10,5 отсто, додека цените на мало пораснале за 11,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во април трошоците за живот пораснале за 2,2 отсто во споредба со март. За само еден месец, маслото и мастите поскапеле за 20,2 отсто, додека свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 12,9 отсто. Поскапувања во период од еден месец има и кај свежото и разладеното овошје, сирењето и урдата, месото, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, односно на речиси сите прехранбени продукти.

Според Државниот завод за статистика во април имало минимално поевтинување на мал број на производи, но ниту еден од нив не е во делот на прехранбените производи. Огромно зголемување на цените е регистрирано и во транспортот од дури 21,8 отсто во периодот од април лани до истиот месец годинава. Притоа, патниот патнички превоз поскапел за 16,9 отсто, додека цените во воздухопловниот патнички сообраќај се зголемени за 52,9 отсто. Промени нема единствено кај железницата.

Споредбата на цените во период од една година покажува дека најголемо е поскапувањето од 31,9 отсто кај маслото и мастите. Севкупно земено, трошоците за живот во делот на храната и безалкохолните пијалоци за една година се зголемени за 14,8 отсто.

Покрај зејтинот, кај храната за период од една година е забележливо зголемувањето на зеленчукот за 24,1 отсто, додека индексот на трошоците за живот кај лебот и житата пораснал за 17,2 отсто. Станува збор за основни потреби кои служат за прехранување на населението во земјава.

Синдикатите пресметале дека за да го помине месецот на едно четричлено семејство во април му требале 38.104 денари, или повеќе од 1.300 денари за само еден месец. Растот на минималната синдикална кошница за една година изнесува повеќе од 4 илјади денари.

Очекувањата се дека цените и понатаму ќе продолжат да растат и на глобално ниво. Светските организации веќе години наназад алармираат дека храна ќе има се помалку. Речиси сите европски држави забележуваат двоцифрена стапка на инфлација, каква немало во последните 10 до 20 години.

Еве ја пресметката на синдикална кошничка според ССМ: исхрана и пијалоци – 16.458 денари, домување – 11.27 денари, хигиена – 2.627 денари, превоз – 3.367 денари, облека и обувки – 2.176 денари, одржување на здравје – 778 денари.

Експертите сметаат дека е потребна брза реакција и од Народната банка и од Министерството за финансиии за да не се зголемат повторно каматните стапки на благајничките записи.Неопходни се и владини мерки за да го раздвижат економскиот раст за смирување на високото поскапување на цените, велат тие.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons