За четири месеци граѓаните потрошиле 700 илјади евра за биоразградливи кеси 

За само 4 месеци граѓаните извадиле од паричникот околу 700 илјади евра за набавка на биоразградливи кеси. Министерот за животна средина, Насер Нуредини рече дека оваа сума заедно со 55 милиони евра за чиј заем до крајот на мај се очекува одговор од ЕБОР, ќе се искористат за изградба на потребната инфраструктура за селекција на отпадот. Според Нуредини тендерската постапка треба да почне до крајот на годинава.

„Идејата е овие средства што се собрани, заедно со Владата да направиме програма, и да создадеме импулс кај граѓаните овие пари да се вратат кај граѓаните како инвестиција за селекција на отпадот. Ќе се инвестира во контејнери за селекција од граѓаните. Идејата е за пластика, лименки и стакло. Мислам дека свеста кај граѓаните е доста висока, но недостигаше инфраструктура во државата“, рече министерот Нуредини.

Сепак, помалите маркети и зелените пазари продолжуваат да им обезбедуваат на клиентите пластични кеси за носење производи. Некои од нив продаваат пластични кеси, кои треба да се отстранат од употреба, додека продажбата важи само за биоразградливите. Дека некои пазари не го спроведуваат законот, потенцира и министерот за животна средина, Насер Нуредини, кој го повикува Инспекторатот да врши повеќе контроли и да биде поригорозен. И покрај ова, од Пазарниот инспекторат велат дека во првите 3 месеци од годинава биле извршени само 95 контроли, од кои, според нив, не се констатирани неправилности.

„Од 01.01.2022 година до 31.03.2022 година, Државниот пазарен инспекторат извршил вкупно 95 контроли на територијата на Република Северна Македонија, кои се однесуваат на Уредбата за употреба на биоразградливи кеси, согласно Законот за амбалажирање и управување со отпад од пакување. Во овој период не беа пронајдени неправилности“, наведуваат од Пазарниот инспекторат.

Во првиот месец од стапувањето во сила на Законот за амбалажирање и управување со отпад од пакување, Инспекторатот реализирал 340 контроли. Одлуката за укинување на употребата на пластичните кеси стапи на сила на 1 декември минатата година.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons