За „оладување“ на жешките точки ОХИС, „Југохром“ и Лојане се потребни 300 милиони евра

За „оладување“ на жешките еколошки точки – депонијата со линдан во ОХИС, депонијата во „Југохром“ и депонијата со расфрлан арсен на јаловиштето во рудникот Лојане, се потребни 300 милиони евра. Тоа, за министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, се сериозно големи пари.

Таа на денешниот брифинг со новинарите посочи дека се бараат пари за дефинитивно решавање не само на посочените депонии, туку и на останатите жешки еколошки точки, како Пеленица кај скопско Драчево за што дополнително ќе се прават истражувања, но и за другите.

Во Буџетот на МЖСПП за 2023 година, обезбедени се средства за справувањето со историскиот отпад за што со децении не е вложен ниту еден денар. Со цел да се дејствува превентивно и да се спречи можно загадување на површински и подземни води од депонијата во близина на „Југохром“, во буџетот се предвидени 9 милиони денари за функционирање на пречистителната станица во селото Јегуновце. За оградување и покривање на депонија со арсен и антимон во селото Лојане, Липково обезбедени се 14 милиони денари.

– Ние продолжуваме да инвестираме во оваа област, и покрај донаторските средства – рече Шукова.

МЖСПП претходно обезбеди 32 милиони денари буџетски средства за реализација на проектот за ремедијација на почвата контаминирана со изомери на линдан во кругот на ОХИС.

За министерката Шукова, решавањето на проблемите со отпадот во државата ќе биде најважниот приоритет во нејзината работа. Таа посочи дека отворањето на регионални депонии ќе се прави со заеми од странски банки, како и градење на системи за водовод и канализација по општините. Шукова истакна дека за Југозападниот и Пелагонискиот регион, регионална депонија ќе се гради во Новаци, за Југоисточниот и Вардарскиот регион ќе се гради во Василево, а општината веќе даде согласност за изградба на современа регионална депонија на нивна територија. Додека во почетна фаза на реализација е депонијата во гостиварско Русино, која ќе биде збирна депонија за Полошкиот регион.

Во таа насока денеска одржала работна средба со претседателите на Центрите за развој на планските региони во државата со цел, како што истакна, да се интензивира комуникацијата и соработка со Центрите, како важна карика меѓу централната власт и локалните самоуправи.

Министерката Шукова информираше за активностите што нè очекуваат во реализацијата на двете приоритетни области: управување со отпад и водоснабдување,  одведување на отпадни води и нивно прочистување, особено со почетокот на имплементација на двете кредитни линии со кои се задолжи државата, а се наменети токму за обезбедување на овие основни услуги за граѓаните.

– Обезбедување на финансиите и имплементација на системите за одржливо управување со водите и со отпадот не значи завршен процес. Управувањето на истите останува на општините. Тие мора да бидат навремено подготвени да ги преземат и спроведуваат своите обврски, за што очекуваме поддршка од регионалните центри – истакна Шукова.

Шукова најави дека од надоместокот за продажба на пластични кеси досега се собрани 120 милиони денари, од кои 105 милиони се наменети за набавка на околу 7.000 претоварни контејнери, а 15 милиони денари за кампања за подигнување на свеста на населението за селектирање на отпад.

– За еден месец ќе почнеме со постапката за набавка на контејнерите кои ќе бидат распределени во сите општини низ државата – рече Шукова.

Прашана зошто не се формира фонд за животна средина, како што најавуваше нејзиниот претходник, Шукова одговори дека МЖСПП собира премалку пари од надоместоците од продажбата на кесите и од возилата и тие средства не се доволни.

– Ако има политичка волја за префрлање на дел од средствата што се собираат од сите надоместоци кои одат во државниот буџет, на посебна приходна сметка на Министерството за животна средина, би можеле да го формираме фондот. Сега собираме околу 3 до 4 милиони евра што се премалку пари – рече Шукова.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons