Македонија

За еден месец издадени одобренија за изградба на нови 754 станови, најмногу во Скопје

Расте интересот за градење. Најновите податоци на Државна статистика покажуваат значително раздвижување во градежниот сектор.

Во јуни годинава се издадени 296 одобренија за градење, што е речиси 40 отсто повеќе споредено со истиот месец лани. За изградбата предвидена е вредност од над 103 милиони евра или во споредба со минатата година повеќе од 30 проценти. 

Најголемиот дел од одобренијата се за високоградба – 200. Следуваат проектите за реконструкција, а најмал дел се за нискоградба.

Зад овие бројки стојат и стотици нови домови. Во план е изградба на 754 станови, со вкупна корисна површина од повеќе од 64 илјади квадратни метри.

Најголем дел од новите станови се планирани во Скопскиот Регион, каде треба да се градат 241 стан. Полошкиот Регион е веднаш зад него со 165, додека во Југозападниот се планирани 126 нови станови.

Најмногу се планирани двособни и трособни станови. Но, има и поголеми – од четирисобни, па сè до станови со над осум соби.

Интересно е што најголем број одобренија се за инвестиции на физички лица. Тие се појавуваат како инвеститори во повеќе од две третини од одобренијата. Но, кога се гледа вредноста на проектите, сликата е поинаква. Фирмите се носители на најголемиот дел од инвестициите, со предвидени работи вредни околу 81 милион евра.

Регионално, по бројот на одобренија предничи Полошкиот Регион, но најскапи се планираните градби во Скопскиот Регион. Тука се предвидени инвестиции од над 56 милиони евра.

А токму во Скопје, цените на становите уриваат рекорди. Неодамна Агенцијата за катастар објави дека во вториот квартал годинава, најскапиот стан е продаден во скопски Центар за 3.360 евра за квадрат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons