Д-р Тахир: Здравството е сведено на стихијно работење и кубурење со актуелните состојби

Сѐ додека прокламативно  „оние што се на власт божем го опоравуваат здравството, а оние што се во опозиција божем кога ќе дошле на власт би го оправиле истото, нема да стасаме до никаде“, вели во интервју за МИА доктор Шенол Тахир, дигестивен хирург во  Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски” . Според него, потребна е  јасна стратегија и заедничка, како што посочува позициско – опозициска национална здравствена стратегија, што треба да се прави во следната година, пет, десет, 20 и 30 години во иднина. Повод за интервјуто е што неодамна, за прв пат во Македонија, беа изведени две  лапароскопски операции на кучешка тенија кај деца на возраст од осум и 13 години.

„Се примаат лекари таму каде што не треба, а не се прима кадарот што фали. Нема правилни програми за вработување, соодветна едукација, специјализации и слично. Сѐ е сведено на стихијно работење и кубурење со актуелните состојби. Болниците  се нереновирани, повеќето многу стари, со несоодветни просторни можности. Некаде со стара апаратура, некаде со крајно нова, софистицирана. Се троши некаде премногу, а сѐ под изговорот дека здравството е бесплатно. Така да и сите добри приказни на успешно работење се повеќето резултат на поединци или мала група во поедини болници или здравствени установи“, вели д-р Шенол Тахир.

Тој нагласува дека немањето ред во системот ги става граѓаните во сомнеж дека не се работи правилно.

„Точно е дека има сѐ повеќе поплаки. Секако еден дел може се правилни поплаки, пред сѐ, во делот на неорганизираност на здравствениот систем. Секако би требало да се реформираме обострано: ние самите здравствени работници, а исто така и самите граѓани. Немањето ред во системот ги става граѓаните во сомнеж дека не се работи правилно. Одговорно тврдам дека согласно скалилото каде што се ставени здравствените работници во нашата држава,  се работи дури и повеќе од можностите и во над 95 отсто од случаите, стручно и согласно соодветни протоколи. А, секој исклучок кога ќе се појави, треба да се испита и да се преземаат соодветни мерки“, нагласува д-р Тахир во интервјуто.

Д-р Тахир вели дека во последните дваесет години недоволно се цени работата на лекарите кои, како што вели, се ставени на маргините на општественото живеење.   

„Системот на вреднување, согласно квалитетот и успешноста на лекарот, едноставно не функционира. Можете многу да работите,  а друг минимално да работи, ќе бидете исто вреднувани. Додека медицинските сестри, болничарите и другиот медицински и немедицински кадар во здравството зема плата како минималец, многумина и секоја година во поголем број, спасот ќе го гледаат на Запад. Дали тие што досега нѐ воделе во здравството не го знаеле ова што сите го знаеме? Го знаат, за жал, но, ништо речиси не е направено, некои работи да тргнат од мртва точка, кон подобро утре“, вели д-р Тахир. 

Тој признава дека досега неколкупати размислувал да си оди од Македонија.

„Повеќепати сум помислил и сум се обидел да заминам некаде во друга земја. Во 2003, 2005 и последен пат, во 2008 година. Сум се обидувал, бидејќи сум гледал дека системот не ни оди напред и дека стагнираме, трошам многу енергија, време и не сум соодветно наградуван. Не ми се давани соодветни шанси за напредување и слично. Но, првите двапати не успеав заради тогашни тешки административно – бирократски потешкотии во земјите каде што сакав да заминам. Последниот пат не можев заради неможност да ја земам и фамилијата со мене. А, во следниот период веќе не сум се обидувал, бидејќи времето за Запад, ми е одминато.  А, на младите здравствени работници, јас лично не можам да им речам, „ве молам не одете, добро е во земјата за вас, перспектива има…“ Сега тие земји многу ги олеснија бирократските потребни документи за заминување таму“, заклучува во интервјуто д-р Шенол Тахир. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons