Дрон навлезе во воздушниот простор на Латвија
Дрон од непознато потекло накратко го наруши воздушниот простор на Латвија во раните утрински часови, соопштија вооружените сили на земјата. Ова е уште едно нарушување на воздушниот простор на земја членка на Европската Унија и НАТО.
Како одговор биле испратени борбени авиони на НАТО и пресретнувачки дрон, а накратко било издадено и предупредување за нарушување на воздушниот простор во источната општина Лудза, соопшти војската. Подоцна било повлечено и предупредувањето од понизок степен на опасност за општината Балви, северно од Лудза.
Предупредувањата биле издадени во време кога руската Ленинградска област се бранела од напад со дронови, при што, според гувернерот на регионот Александар Дрозденко, биле соборени повеќе од 40 беспилотни летала.
Краткотрајното навлегување во воздушниот простор на Латвија се случува во услови на зголемена загриженост дека војната во Украина би можела да се прошири и надвор од нејзините граници, бидејќи Киев и Москва редовно разменуваат напади.
Полска во вторникот ја обвини Москва за намерно нарушување на нејзиниот воздушен простор, откако соопшти дека руски извидувачки дрон накратко ја преминал границата.



