ДКСК бара ОЈО да ги гони Рашковски и Зеќири за склучување авторски договори 

Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука да поднесе Иницијатива за поведување постапка за кривично гонење до Основното јавно обвинителство Скопје, против Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, поранешни генерални секретари на Владата на Република Северна Македонија, поради сомнение дека за време на извршување на нивната службена должност, сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Повод, односно законска основа за оформување на предметот од ДКСК е информација која во текот на април 2021 година беше објавена од страна на неколку медиуми – дека Владата на Република Северна Македонија за потребите на Генералниот секретаријат – заради извршување на специфични ангажмани, врз основа на авторски договори ангажирала поголем број на физички лица надвор од редот на вработените, при што биле исплаќани хонорари кои за само еден месец изнесувале над 37.000 евра, односно над милион евра за 2019 и 2020 година. Според наводите изнесени во медиумите, дел од ангажманите подразбирале советување, изработка на физибилити студии, пишување студии и соопштенија.

„ДКСК стекна сознанија дека во периодот од 2017 до 2021 година од Генералниот секретаријат на Владата до Министерството за финансии биле испратени повеќе од[1] 40 барања за обезбедување на согласност за обезбедени финансиски средства за конкретниот период, за ангажирање на лица врз основа на авторски договор. Според ДКСК, впечатливо е дека на ист датум како и на приближни датуми во рамки на една година биле испраќани по неколку барања за согласност за обезбедени средства за ангажман на различен број на лица содржан во барањата.

ДКСК стекна сознанија дека конечно, пред склучување на договор, Генералниот секретаријат писмено се обраќал до авторската агенција, од која барал склучување на авторски договор со конкретни лица чии лични податоци (име и презиме, матичен број, адреса на живеење, трансакциска сметка) се содржани во барањето, во кое се наведени задачите што лицето ќе ги извршува, месечниот надомест и периодот на ангажман. ДКСК стекна сознанија дека во периодот од 2017 до 2021 година од Генералниот секретаријат до агенцијата „Артпицк“ ДООЕЛ се испратени повеќе од 170 барања за изработка и склучување авторски договори со конкретни лица“, велат од ДКСК.

Според сознанијата на ДКСК по утврдување на фактичката состојба, може да се констатира дека со опишаниот начин на ангажирање на физички лица, заобиколена е примената на релевантните одредби од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници со кои опфатени општите начела (начело на еднакви услови, еднаков пристап до работно место, соодветна и правична застапеност, начелото на стручност и компетентност), како и начинот на планирање на вработените и начинот на спроведување на постапките за вработување.

„ДКСК смета дека вака спроведените постапки наметнуваат ризик од влијание врз ангажираните лица, не само лично, туку и на различни аспекти од работата која истите ја извршувале. Дополнително, истите ги доведуваат во предност ангажираните лицата во постапките за вработување кои се спроведуваат согласно релевантните законски одредби – идентификувани се 28 вработени лица за кои ДКСК стекна сознанија дека претходно биле ангажирани врз основа на авторски договор.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons