ДАЛИ ВО ПЕТОК СЕ ТРГА ВЕТОТО? – ИМА ИСЧЕКОР КОН УКИНУВАЊЕ – тврди бугарски „Капитал“ 

Додека парламентот се очекува денеска да одлучи за судбината на кабинетот на Петков, комисијата за надворешени работи мора да донесе еднакво важна одлука – што да прави со случајот Македонија, пишува бугарски Капитал.

Во моментов ситуацијата е следна: самитот на ЕУ, последен за француското претседателство, почнува во четврток. Париз и Емануел Макрон лично го прифатија како причина почетокот на преговорите за членство со Скопје и Тирана, гест што ќе затвори дел од раните на Западен Балкан и ќе ги врзе уште поблиску до ЕУ.

Она што го спречува овој гест е ветото на Софија, која има свои проблеми да ги реши со соседната земја и ја обвинува за непочитување на Договорот за добрососедство од 2017 година.

За да се надмине блокадата, француското претседателство направи нешто што до неодамна се сметаше за незамисливо: предложи да се вклучат некои од барањата на Бугарија во преговарачката рамка што ќе ја отвори Европската комисија со Северна Македонија.

Откако Кирил Петков крена раце по ова прашање и го предаде во парламентот, предлогот, како и одлуката што да се прави со де факто ветото, отиде во комисијата за надворешна политика. Во среда таа може да излезе со став или да не одлучи ништо – дотолку повеќе ако се има предвид очекуваното закажување гласање за недоверба истиот ден.

Клучот е во ГЕРБ

Сепак, можно е до крајот на неделата да има поместување на случајот. Пратениците од владејачките фракции размислуваат да поднесат декларација до парламентот в петок, слична на онаа за воена помош за Украина, во која пратениците истакнуваат дека Националното собрание се обединува околу одлуката за деблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Ваквата декларација би му ги одврзале рацете на секој премиер да го укине ветото, пишува „Капитал“.

Засега се чини дека ништо нема да се случи со самата комисија, што значи дека Бугарија на Самитот нема да каже „да“ или „не“ во однос на предлогот.

Сепак, има и натаму нејасни работи, а една од главните е дали Владата воопшто ќе успее да собере мнозинство за да донесе ваква декларација.Три политички сили во парламентот остро се против укинувањето на ветото – Има таков народ, Преродба и една од владејачките партии – БСП. Другите две владејачки партии, ПП и Демократска Бугарија, се надеваат на поддршка од ГЕРБ или ДПС, доколку документот биде изгласан. Засега од ДПС велат дека немаат одлука за ова прашање и ќе чекаат да помине гласањето за недоверба на владата.

Иако од ГЕРБ тврдат дека не се за донесување таква декларација, сепак, за пратениците од најголемата опозициска партија, францускиот предлог е прифатлив за Бугарија. Меѓутоа, и покрај тоа, сметаат дека Софија требало да инсистира Советот на ЕУ да биде гарант за исполнување на бугарските услови бидејќи Бугарија би можела и натаму да го блокира пристапниот процес доколку Северна Македонија не ги исполни условите.

Што велат документите?

Министерството за надворешни работи во понеделникот појасни дека документите доставени до канцеларијата на Националното собрание не се класифицирани како „тајни“ и дека може да се читаат. Но, се покажа дека тоа не влијае на најважниот документ од нив: Билатералниот протокол со Скопје, договорен меѓу дипломатите од двете земји.

Тоа се однесува на францускиот предлог, во кој се наведува дека една од мерките за напредокот на земјата во преговарачкиот процес ќе биде имплементацијата на Договорот за добрососедство од 2017 година и неговите билатерални протоколи. Билатералниот протокол не е јавен поради „чувствителните информации“ за двете страни, велат бугарски пратеници за „Капитал“.

– Прочитајте го документот, Северна Македонија се согласила на бугарските услови „4+1“ со мали приспособувања. Едното приспособување е поврзано со барањето за измени во Уставот, во кој би биле опфатени и Бугарите во соседната земја. Скопје инсистира тоа да се направи пред отворањето на првото поглавје „Основни принципи“, а не пред официјалниот почеток на самите преговори. Другото е поврзано со цар Самуил и промената за неговото изучување во учебниците, што според македонското МНР не може да се случи за толку краток временски период – изјавил неименуван бугарски пратеник за „Капитал“.

Од бугарската партија ПП велат дека главниот проблем е што протоколот не го потпишале Теодора Генчовска и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Поради ова, наводно, дури се разгледува и опцијата владата да ѝ даде мандат на Генчовска на состанокот на Советот на министри, кој треба да се одржи денеска, за таа да го потпише документот.

Доколку тоа се случи, нацрт-декларацијата за поддршка на укинувањето на ветото би можела да биде разгледана на вонредниот состанок на Комитетот за надворешни работи в четврток, кој евентуално ќе биде поднесен до пленарното собрание за гласање в петок.

Заменик-министерот за надворешни работи Васил Георгиев на вчерашниот Совет за општи работи во Луксембург му се заблагодари на француското претседателство и го поздрави вклучувањето на гарантирањето на правата на Бугарите како услов за почеток на преговорите, но потсети дека е неопходно да се донесе одлука во бугарскиот парламент.

– Генерално, предлогот на Париз е најдоброто што го добила Бугарија досега на оваа тема. Во нацрт-декларацијата на лидерите се вели дека преговарачкиот процес ќе започне кога македонскиот Устав ќе биде изменет за да вклучи споменување „луѓе од други народи, како што е Бугарија“. Преговарачката рамка предвидува дека Комисијата ќе го следи напредокот во ставањето крај на дискриминацијата на „малцинствата и групите“, ќе се консултира со земјите членки за развојот на преговорите и ќе го затвори последното поглавје со основните барања, кое го вклучува прашањето за различни групи во земјата – се вели во објавата на бугарски „Капитал“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons