Дали бегалската криза ќе го намали испраќањето на македонски работници во европските земји?

Војната во Украина и бегалската криза можат да ги пореметaт плановите на оние кои сакаат да заминат на работа во некоја европска земја.

Од агенциите кои посредуваат за вработување во странство, велат дека за два до три месеци ќе се види дали бегалската криза ќе го намали испраќањето на македонски работници во странство. Посредниците кои стриктно испраќаат кадри на работа во Германија, наведуваат дека украинските бегалци веќе бараат работа, се јавуваат групи од десетина луѓе, кои би работеле што било, и би прифатиле да заработуваат помалку од останатите.

„Очекувам дека бегалците ќе пополнат голем број од празните работни места во Германија, и дека ќе падне цената за работен час. Немаме нешто конкретно, но на повидок е дека тоа ќе се случи. Како бегалци ќе бидат под заштита на државата, ќе можат да работат, а за македонските граѓани кои немаат европски пасош знаеме дека потешко оди. Тие бегалците се во ситуација кога не можат да бираат, а на германските работодавачи ќе им одговара да имаат работници со помали трошоци. Има работни места за кои не се потребни некои квалификации, за чистачки на пример, се бараат и луѓе за работа во фабрика, или пак градежници без работно искуство. За нискоквалификуваните работни места можат да најдат работа без проблем“, вели посредник.

Германија со години е земја која има потреба од работници и тоа во повеќе бранши, од медицински лица до занаетчии.

„Ние посредуваме за сезонска работа во Хрватска, и тука не очекуваме некои промени, затоа што тие бираат работници од Македонија, поради јазикот. За Германија има наши луѓе кои се јавуваат и прашуваат, сакаат да одат да работат во Германија, но не го познаваат јазикот. Засега е рано да се каже дали ќе има некои промени на пазарот на труд во европските земји поради напливот на бегалци и колкави ќе бидат тие “, вели Mилан Џинлев од агенцијата Приорити солуции за вработување.

Германија бара правична распределба на украинските бегалци во европските држави. Се очекува дека Украина ќе ја напуштат околу 8 милиони бегалци, и ќе побараат сместување во европските земји. Деновиве медиумите јавија дека 200.000 луѓе веќе пристигнале во Германија, а бегалци ќе примат и Франција, Италија, и многу други земји. Напливот на бегалци може да придонесе и за обезбедување на евтина работна сила во Европа.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons