ГТА 6 заработи над 1,5 милијарди долари пред некој воопшто да ја заигра
Излегувањето на ГТА 6 утре, на 19 ноември, се очекува да биде еден од најголемите настани во историјата на забавната индустрија.
Најновото продолжение на серијалот ГТА неколкупати беше одложувано, но по 13 години — најдолгата пауза меѓу две продолженија во историјата на франшизата — конечно доаѓа.
Додека обожавателите се подготвуваат да се вратат во Леонида, измислената верзија на Флорида на „Рокстар гејмс“, каде што ќе крадат автомобили, ќе ограбуваат фирми и ќе ги трошат парите стекнати со криминал, еве како се развиваше популарниот серијал од последното продолжение.
Долгото чекање не ги одврати играчите. Се проценува дека преднарачките на играта веќе надминале 1,5 милијарди долари, според компанијата за пазарни анализи „Сенсор тауер“.
Во споредба со други неодамнешни изданија, ГТА 6 е без конкуренција по обемот, вели Си-ен-ен. Девет дена пред излегувањето, приходите од нејзините преднарачки надминале една милијарда долари — речиси двојно повеќе од заработката на „Кол оф дјути: модерн ворфеар 2“, најпродаваната игра во САД во 2022 година, во истиот период пред нејзиното излегување.
Претходната игра, ГТА 5, беше огромен успех и стана најпродаваната игра во 2013 година. Оттогаш, секоја година продолжува да носи стотици милиони долари за франшизата. Долготрајниот успех делумно се должи на ГТА онлајн — онлајн-надградбата за повеќе играчи, која излезе неколку недели по ГТА 5.
ГТА онлајн им овозможува на играчите да им се придружат на други и да продолжат да го истражуваат Лос Сантос, измислената верзија на Лос Анџелес, откако ќе ја завршат главната игра.
ГТА онлајн ѝ овозможи на „Рокстар гејмс“ да заработува и на други начини, а не само од продажбата на играта. Новата содржина и режимите на игра ги враќаат играчите, а обожавателите можат со вистински пари да купуваат додатоци и надградби во играта. Само ГТА онлајн заработила повеќе од пет милијарди долари во последната деценија.
Постојаниот интерес помогна ГТА да стане една од најголемите гејминг-франшизи во историјата. Меѓу најпродаваните игри се класичниот „Тетрис“ од 1984 година, „Покемон“ од 1990-тите и поновиот серијал стрелачки игри „Кол оф дјути“. ГТА ја делат само 40 милиони примероци од првото место. Кој знае како ќе изгледа листата по утрешното излегување на играта.



