Спорт

Лазаров го надмудри Червар, Алкалоид го доби дербито против Пелистер

Алкалоид го надигра битолскиот ривал во дербито на 11. коло од македонската ракометна Суперлига и на домашен терен го совлада вицешампионот Еурофарм Пелистер со 30-28.

Избраниците на Кирил Лазаров одиграа одличен натпревар и заслужено стигнаа до важна победа, која им носи бодови и во Регионалната лига.

Гостите подобро го отворија натпреварот и поведоа со 1-3, но Алкалоид брзо одговори и со серија голови го презеде водството. Клучниот момент во првиот дел се случи во завршницата, кога домашниот тим ја затвори одбраната и цели десет минути не му дозволи на противникот да постигне гол. Во меѓувреме, Алкалоид реализираше четири пати и на пауза замина со предност од 14-10.

На почетокот на второто полувреме домаќините стигнаа и до највисоки шест гола разлика (19-13), но Еурофарм Пелистер не се предаде и успеа да ја намали негативата на три гола (21-18). Сепак, избраниците на Лазаров го издржаа налетот на битолчани, а кога беше најпотребно, Марко Кизиќ со неколку важни одбрани ги запре обидите на гостите за целосно враќање во натпреварот. Алкалоид ја задржа контролата до самиот крај и стигна до голема победа во Автокоманда, во дуелот во кој ученикот го надигра учителот, односно Кирил Лазаров беше поуспешен од Лино Червар.

Никола Костески со седум гола беше најефикасен во победничкиот состав, додека Игор Ѓорѓиев и Нејц Цехте постигнаа по четири. Одличен на голот беше Марко Кизиќ со десет одбрани. Кај Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски го заврши натпреварот со седум гола, Рудолф Хакбарт постигна пет, а Никола Митревски имаше 11 одбрани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons