Грција се подготвува со Преспанскиот договор да го укине Центарот за македонски јазик во Лерин 

Основачите на Центарот за македонски јазик во Лерин деновиве добија покани за на суд по приговорот на јавниот обвинител за укинување на првостепеното судско решение за регистрација на ова невладино здружение на Македонците во Грција. Како што дознава МКД.мк, во образложението грчките правосудни органи се повикуваат на Преспанскиот договор и постоењето на македонскиот јазик само во рамките на границите на Македонија.   

Лани во Лерин судските власти ја регистрираа невладината организација Центар за македонски јазикчија цел е изучувањето на македонскиот јазик. Ова веднаш беше оценето како многу важен настан во Грција, а македонските политичари потписници на Преспанскиот договор ова веднаш го оквалификуваа како само еден од големите успеси на потписот во Нивици на 17 јуни 2018 година.

Едно од основните права на човекот е да може да зборува, да комуницира и да се образува на својот мајчин јазик. Нашиот обид беше да се создадеме здружение, организација на такви основи кое ќе се обиде да го зачува македонскиот јазик во Грција и на легален начин да се обиде да се воведе изучување на македонски јазик во грчките училишта таму каде што е тоа потребно. Тоа се заврши успешно и се согласувам дека е тоа многу важен настан. Како првично, задоволство ни е тоа што судските државни органи донесоа одлука да се регистрира здружение кое се занимава со македонскиот јазик. Тоа e голем успех, некогаш такво нешто беше недостижна цел. Сега има надеж дека македонскиот јазик ќе го слушнеме и во училиштата“, изјави тогаш еден од основачите на Центарот за МКД.мк.

Дека не е сѐ така розево, покажаа демонстрациите на неофашистичката партија во Грција Златна зора во Лерин кои бараат укинување на една таква организација.

Во судот во Лерин веќе пристигнаа и официјални жалби за регистрацијата на Центарот за македонски јазик, а од пред неколку дена тоа го стори и јавниот обвинител на Лерин.

Како што дознаваме, обвинителот се повикува директно на Преспанскиот договор и неговото толкување дека македонскиот јазик е распространет само во рамките на границите на Република Северна Македонија. На оваа глупост од Преспанскиот договор укажуваа и бројни јазичари и експерти за нелогичноста на едно вакво ограничување на распространетоста на еден јазик.

Разгледувањето на приговорите во грчкиот второстепен суд е закажано за 19 јануари и 2 февруари.

Има реакции од националистички организации и движења и ќе се знае во следниот период дали судот ќе стои на таа одлука. Тоа ќе се види. Затоа што во Грција за овие национални малцински прашања нема независно судство, да не се лажеме. Решава ‘длабоката грчка држава’ и нејзините органи како ќе признаваат или нема да признаваат“, изјави Павлос Воскопулос Филипов од партијата на Македонците во Грција „Виножито“.

Освен во Преспанскиот договор, грчките судски власти образложение за нивната намера да се забрани Центарот за македонски јазик го базира и на тоа што Грција сè уште не ја ратификувала Рамковната конвенција за заштита на малцинските права.

Грција се согласи во Стразбур уште во 1999 година околу Рамковната конвенција за заштита на малцинските права, но таа и 23 години потоа, сѐ уште не е ратификувана во грчкиот парламент. Според таа конвенција Грција на секои пет години треба да дава извештаи за положбата на малцинствата, а комисија од Стразбур да ја посетува Грција и да зборува со претставниците или припадниците на малцинствата за евентуални проблеми и непочитување на одредбите од Конвенцијата. И тоа не се прави.

А.Д.

Член 7 од Преспанскиот договор:

Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.

Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.

Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете страни.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons