Груевски тврди: Катица ме повика во канцеларија и ми нудеше да ги наместам другите за да ме ослободи

Откако денеска поранешната шефица на СЈО Катица Јанева од затворот каде издржува седумгодишна  казна за случајот „Рекет“ се појави во судницата за да се соочи со тужителот Орце Камчев кој од неа и од Бојан Јовановски побарува милион и пол евра кои им ги дал за рекетот, од Будимпешта на Фејсбук се јави и екс премиерот со нова приказна.

Врзувајќи се на изјавата на таткото на Јане Ченто дадена за еден од македонските портали во која тврди дека на неговиот син „му рекле, ќе зборуваш како што ќе ти кажеме и ќе бидеш ослободен од обвиненија“, на што тој не се согласил па доби затворска казна за случајот „27 април“ Груевски потенцира дека ваква случка и нему му се случила.

„Еден ден бев повикан во обвинителството да дадам изјава мислам за два предмета. Едниот беше ТНТ. Изненадувачки бев повикан вон работното време и ги немаа известено медиумите дека доаѓам како што обично прават. Отидов со адвокатот и дадов изјава пред обвинителите, за едниот, па за другиот предмет. По некое време влезе и Катица Јанева која иако почна мирно и сталожено да разговара, набрзо влезе во вербален конфликт со адвокатот бидејќи тој на секој нивен незаконски чекор многу стручно и бескомпромисно им укажуваше што се прекршуваат во постапката во случајот а тие немаа правни аргументи како одговор, па фрустрацијата растеше од миг во миг. По кратко време таа излезе и на излегување побара кога ќе завршиме да се сретнам со неа во нејзината канцеларија. Кога отидов на вратата побара и инсистираше да бидам сам, без адвокатот, на што тој реагираше, но јас го замолив да дозволи и да видам што всушност сака да каже, опишува Груевски.

Тој понатаму објаснува како „со многу пријателски тон“ му кажала да го смени адвокатот бидејќи му правел штета, па му посочила и други адвокати.

Откако одбил, разговорот со Јанева продолжил за предметите за кои му рекла дека добро напредувале.

„И одговорив дека предметите им се конструкции без никакви докази и дека ако се суди по закон ќе им пропаднат напорите. Дека немам никаква вина и дека попусто ме малтретираат“, пишува Груевски.

Тој додава дека потоа добил и комплименти од Јанева за својата работа како премиер.

“Па добро”, продолжи таа, еве јас се согласувам дека навистина вие немате вина, но ајде помогнете ни за другите”. “Што да ви помогнам и за кого” ја прашав. Почна да набројува имиња, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Мартин Протогер и уште неколку други. Еве вие помогнете ни за да ја докажеме вината за нив и ние ќе се согласиме дека вие немате вина” одговори шефот на СЈО со прилично милозвучен глас и поглед со блага насмевка кој требаше да ми влее чувство на добронамерност и доверба, се присеќава Груевски на што одговорил:

“Чекајте ве молам, дали тоа вие од мене барате да ги наместам другите за вие да ме ослободите мене?”, ја прашав. “Па немојте така да ги сваќате работите, јас само барам да ни помогнете, да имаме соработка”. И одговорив дека луѓето добро ги познавам и знам дека немаат никаква вина. Дека и тие како и јас сме под политички прогон и дека немам ништо во прилог што би и помогнало, а да местам некој невин, тоа не доаѓа во предвид. “Добро”, одговори подналутена и веќе со поостар тон. Тогаш ние ќе продолжиме со нашата работа, по што по кратко ја завршивме средбата, раскажува Груевски за таа куса средба со Катица Јанева на која не се согласил да ги „предаде“ соработниците.

Тој констатира дека „не се дрзна да оди со брутални закани, како што тоа го прават кај другите кои ќе одговорат како јас“, и додава дека „ова се недозволени методи. Кршење со закани и уцени и изнудување изјави. Вакви закани не се својствени за демократски земји и се против законски. Еден ден, верувам дека во Македонија ќе се отвори ова прашање против ваквите лица со вакви настапи на дел од обвинителите и дека ќе одговараат за тоа“.

Инаку, Груевски од ноември 2018 година е во бегство и доби политички азил во Унгарија додека неговите сопартијци и поддржувачи се соочуваат со обвиненија, судски процеси и пресуди за кривични дели извршени во периодот на неговото управување со државата и по негови иницијативи и наредби.

Низа извештаи од перидот на владеењето на Груевски укажуваат на негово постојано мешање во работата и независноста на судството и користење на правниот систем за репресии врз политичките неистомисленици. Токму затоа во 2015 година беше формирано Специјалното јавно обвинителство но главната обвинителка Катица Јанева не успеа да одговори на предизвиците на својата функција и заврши во затвор заради злоупотреба на службената положба и овластување во случајот „Рекет“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons