ГРАЃАНИТЕ РЕВОЛТИРАНИ ОД УКИНУВАЊЕТО НА ВОЗОВИТЕ – Кој сака да се врати порано ќе мора да плаќа дополнително

Голем број граѓани, меѓу кои и студенти и работници се револтирани од укинувањето на дел од железничките линии кои сообраќаа на релација Скопје – Битола и обратно. 

Особено голем е револтот меѓу жителите на Велес, и меѓу младите од овој град, кои секојдневно патуваат за Скопје и назат, на студии. Но, укинувањето на дел од линиите негативно се одразува и врз жители од Велес кои работат во Скопје. 

Студентката Моника Петровска која редовно патува за Скопје и назат во Велес и има месечен билет, како и голем број на нејзини сограѓани кои учат или студираат во Скопје најмногу е револтирана поради укинувањето на возот кој од Железничката станица во Скопје поаѓаше за Битола навчер во 20 часот, а во Велес пристигнуваше во 21 часот.

– Многу ни е тешко и мачно што се укинува овој воз. Предавања ни завршуваат околу 19 часот и стигнувавме со овој воз дома. Сега мораме да го чекаме последниот воз кој од Скопје за Велес поаѓа во 22,40 часот, а во Велес сме некаде пред полноќ. Многу млади, особено студентите имаме повратни билети за железница, па сега ако сакаме навечер порано да се вратиме дома во Велес ќе мораме да плаќаме плус 200 денари секоја вечер карта за автобус Скопје-Велес – вели револтирано младата студентка Моника Петровска.

Дека ова е голем проблем и за вработентие потврдуваат и другите жители на Велес кои секојдневно патуваат за Скопје и обратно.

Инаку, Македонски Железници АД Транспорт од денеска ги укина двата од три воза кои сообраќаа од Скопје преку Велес за Битола и обратно.

Со тоа од денеска веќе не тргнува утринскиот воз кој од Скопје поаѓаше во 6,50 часот, во Велес пристигнуваше во 7,50 часот и преку Прилеп пристигнуваше во Битола. Воедно е укинат и возот кој од Скопје за Битола тргнуваше од Скопје навечер во 20 часот, а во Велес пристигнуваше во 21 часот и продолжуваше кон Прилеп и Битола.

Воедно од денеска е укинат и возот од Битола за Скопје, кој според возниот ред поаѓа во 12,50 од Битола во 15,20 пристигнуваше во Велес, а во Скопје  во 16,20 часот. Исто така укинат е и возот кој од Битола поаѓаше во 18,20, во Велес беше во 21 часот, за на крајната дестинација – Скопје да пристигне околу 22 часот.

Преку соопштение „ЖРСМ Транспорт АД Скопје – Патнички сообраќај ги известува корисниците на услуги кои патуваат на релација “Битола – Прилеп – Велес – Скопје“ и обратно дека од денеска сообраќајот на патничките возови на оваа релација ќе биде организиран само со возовите бр. 643 кој поаѓа од Скопје во 14.30 часот, а во Велес е во 15,25 часот и продолжува кон Прилеп и Битола и воз бр. 640 кој поаѓа од Битола во 03.13 часот, а во Велес е во 5,46 часот и продолжува за Скопје.

Од МЖ транспорт не дадоа објаснување зошто се одлучиле на овој чекор, ниту пак дали овие линии повторно ќе бидат вратени.

– Овие измени ќе важат од 25 октомври 2023 година до нивно отповикување, соопштија од МЖ АД Транспорт.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons