Гасот на берзите падна на 50 долари, но Македонија го плаќа 99 долари!

Полните резервоари во Европа и слабата побарувачка драстично ја намалија цената на природниот гас. Веќе два дена на светските берзи гасот се продава под 50 долари за еден мегават час, а таква цена овој енергенс немаше уште пред војната во Украина. Но, оваа поевтинување на глобално ниво за Македонија не значи ништо затоа што државната компанија ЕСМ на тендерот за набавка на природен гас склучи договор со бугарска компанија кој гасот на земјава и го продава по фиксна цена за цел месец. Енергенсот го плаќаме околу 99 евра за мегават час. Тоа е двојно повисока цена од онаа која се продава на берзите. Но, од ЕСМ се правдаат дека имало екстра-трошоци за државни такси, закуп на капацитети и маржа на трговците.

„На основната цена од берзата се додаваат и трошоци и со тоа цената расте. Фиксната цена е задолжителен услов од причина што ЕСМ Продажба треба да има обезбеден буџет да може да ја прифати понудата, да има пресметка за плаќање на природниот гас којшто го плаќа однапред и истиот да го испорача до другите потрошувачи кои ќе го купат од ЕСМ Продажба, со маржа не поголема од 1%“, наведуваат од ЕСМ.

Од државните електрани не одговорија конкретно дали истиот услов за фиксна цена ќе важи и на тендерот за набавка за гас за март. Без одговор останавме и за податокот колку пари Македонија потроши повеќе од оваа набавка во однос на цената по која гасот се продава на берзите. Во следните неколку дена треба да биде објавен и јавниот повик за набавка на гас за март. Бугарската фирма која моментално ја снабдува земјава со овој енергенс ги доби последните два тендера. Инаку, изминативе шест месеци природниот гас поевтини за 15 отсто, но на годишно ниво падот на цената изнесува повеќе од 40 отсто.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons