Владата му ја продолжи концесијата на ТАВ Македонија поради Ковидот 

Владата му ја продолжува концесијата на ТАВ Македонија, концесионерот на скопскиот и охридскиот аеродром, за две години, како компензација поради наметнатите заштитни мерки во 2020 и 2021 за спречување на панедмијата кои предизвикаа непланирани загуби за операторот. Со одлука на Владата, наместо до 2030, доделената концесија ќе истекува во 2032, односно ќе трае уште десет години.

„Согласно член 41-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 89/22) , во случај кога не по вина на концесионерот ќе настане/се случи настан кој не може да се предвиди при склучување на договорот, а кој влијае на предметот на договорот со последици врз финансиското работење на концесионерот и истиот настан влијае на потребата од продолжување на рокот на концесија утврден во договорот за концесија, концесионерот може на барање на концесионерот, врз основа на поднесен извештај за финансиско работење и соодветна документација од која ќе биде видна оправданоста за предметното продолжување на рокот на важење на концесијата, да даде согласност за склучување на анекс на договор за продолжување на рокот на концесијата, но не подолго од две години и доколку до истекот на договорот за концесија има најмалку пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон“, објаснуваат од Владата.

ТАВ Македонија побарал продолжување на Рокот на Договорот за концесија за две години по 16.06.2030 година, односно до 16.06.2032 година со допис испратен во мај до  канцеларијата на премиерот.  Во барањето ТАВ Македонија ги приложил и негативните финансиски извештаи за 2020 и 2021 во услови на рестриктивни мерки за патување во време на пандемијата.

„Развојот на авиосообраќајот е стратешка определба на Владата и политиките кои се преземаат се во насока на отворање на поголем број на дестинации за граѓаните и овозможување на поквалитетни услуги. Веќе неколку години по ред, со исклучок на периодот од КОВИД-19 пандемијата, се забележуваат рекордни бројки на превезени патници како и воспоставување на нови авиолинии што укажува на потенцијалот што го имаме во делот на развојот на авиосообраќајот“, одговараат од Владата на прашањето дали евентуално ќе има одредена компензација за новиот анекс кон договорот за концесија.

Турската компанија во септември 2008 година потпиша договор со македонската Влада со што ги доби под концесија аеродромите во Скопје и Охрид. ТАВ беше единствена компанија на тендерот што го распиша Владата за издавање на аеродромите под концесија. ДОговорот за концесија предвидуваше реконструкција на аеродромите, а во 2020 со нов анекс ТАВ се согласи да инвестира 50 милиони евра за комунални проекти во земјата.

На македонското небо во 2021 год. беа реализирани околу 316.000 прелети, што претставува намалување од 36 отсто во однос на бројот на прелети во 2019 год. Тоа предизвика намалување на годишните приходи од прелети за македонскиот воздухопловен систем од 23 проценти. Истовремено, на двата македонски аеродроми во 2021 беа реализирани околу 14 илјади полетувања и слетувања, што е за 32 отсто помалку во споредба со 2019 год.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons