Владата дава 4 милиони евра на фирми за да не биде тужена пред Стразбур 

Владата им нудела спогодбено 4 милиони евра на фирми за да не биде тужена пред Европскиот суд за човекови права. Во заклучокот на владината седница на 10 мај пишува дека преку владин агент до Стразбур бил поднесен предлог за 16 случаи. Во оваа сума покрај материјалната, е наведена и нематеријална штета и трошоци. 

Од оваа сума , најголемо побарување има Каргомакс ДООЕЛ Миладиновци Илинден. Фирмата која увезува автобуси и камиони под брендот Iveco треба да прифати понуда од 110.205.789 денари за да се повлече од меѓународната тужба. Меѓу останатите компании на кои им се нуди обештетување има голем број осигурителни компании, а таму е и градежниот гигант Гранит на кого му се нудат 12.320.936 денари. Има и субјекти кои се анонимни за јавноста како Технокар Сашо ДООЕЛ Скопје со износ од 11.236.771 денари и ЈСАРГО ДООЕЛ Скопје со износ од 12.824.304 денари. 

„Државата на апликантите ќе им исплати вкупно 245.923.616,00 денари или износите наведени подолу соодветно, кои ги покриваат сите побарувања кои се предмет на спогодување по основ на материјална штета, нематеријална штета и трошоци, под услов апликантите да се откажат од било какви дополнителни побарувања од државата или доверителите (државни субјекти) по основ на апликациите или нивните соодветни делови кои се предмет на спогодување, со обврска апликантите по донесувањето на одлуката на Европскиот суд за човекови права врз основа на спогодување, а пред исплатата на досудениот износ прифатен за целите на спогодување, да достават доказ за запирање на тековните извршни постапки за побарувањата кои се предмет на спогодување, а со обврска досудениот износ да се намали за сите евентуални износи наплатени од доверителите во меѓувреме, а до денот на запирањето на извршните постапки“, пишува во владиниот записник.

Во записникот стои дека Европскиот суд за човекови права бил известен дека дополнителна спогодба треба да има и за предмети поврзани со АД Бетон Скопје, Специјал Продукт ДООЕЛ Скопје и Евроинс Осигурување АД Скопје на начин што апликантите ќе ги повлечат апликациите пред Стразбур. Во третиот дел од записникот се вели дека Владата не прифаќа спогодбено решевање на други четири предмети поврзани со АД Бетон, Пуцко Петрол и две осигурителни компании.

Рокот за решавање на споровите со овие фирми истекол на 15 мај. „Фактор“ до службата за односи со јавност на Владата поднесе барање за подетално објаснување  на предлог-одлука донесена на 153 седница, но од таму не добивме одговор. Единственото неформално објаснување беше дека станува збор за затворена седница на која не присуствувале службите за јавно информирање.

Останува неодговорено по кои основи Владата е тужена од 16 економски оператори-апликанти пред Европскиот суд за човекови прав, за чие спогодување Владата донела предлог да им се исплатат вкупно 245.923.616 денари, колкави се нематеријалните трошоци, колкумина оператори ја прифатиле понудената сума и колку средства до сега се исплатени по оваа предлог-одлука.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons