Беќаровски: Дали поверувавте дека две докторки кои се и мајки, ќе се однесуваат несовесно кон беспомошно шестгодишно девојче 

По објавата на Државниот и санитарен здравствен инспекторат по направената инспекција во болницата во Битола, се огласи и доктор Нико Беќаровски. 

Тој истакнува дека секој доктор добро ја знае траумата кога го „давате најдоброто од себе, а сепак го губите пациентот“. 

Потенцира дека особоено трауматично е кога станува збор за младо беспомошно девојче. 

– Секој доктор кој ќе го прочита извештајот од ДСЗИ ќе се сложи дека колешките од Битола го направиле максимумот кој го имале на располагање.

Секој здравствен работник добро знае каква траума е кога го давате најдоброто од себе, а сепак пациентот го губите. Можете само да претпоставите каков е шокот кога тоа е младо беспомошно девојче кое починува во Вашите раце.

Секој од нас во својата кариера се соочил со вакви траорни моменти на немоќ и покрај енормниот вложен труд и желба да го направи најдоброто.

Тоа се Тие моменти кога искрено сакате никогаш да не сте го облекле белиот мантил, а оставаат лузни кои никогаш не исчезнуваат. Со денови, месеци, некогаш и години се преиспитување дали сте можеле да постапите поинаку.Не е случајно што просечниот докторски живот е пократок за цели пет години од просечниот животен век – потенцира Беќаровски во својата објава на неговиот Фејсук профил.

Докторот посочува дека иако може да го разбере, но не и да го оправда гневот на сите оние кои овие денови рафално стрелаа по белиот мантил без релевантни податоци. Народот е гневен од целокупната состојба и бара жртви. 

– Но дали за момент помисливте дека тие две докторки имаат семејство, деца. Дали поверувавте дека две докторки кои се и мајки, ќе се однесуваат несовесно кон беспомошно шестгодишно девојче.

Можеби некогаш ни фали повеќе знаење, многу почесто ни фали модерна и брза дијагностичка апаратура која ќе ни помогне да дојдеме до вистинската дијагноза, за жал не така ретко ни фали и соодветна терапија, која знаеме дека ќе помогне но ја немаме, но верувајте за овие 34 години носење на белиот мантил, ретко сум видел колеги без емпатија кон вистински болните пациенти.

Да, и ние понекогаш грешиме, бидејќи не сме совршени, уште помалку безгрешни богови. 

Да, треба да бидеме напаѓани и плукани секогаш кога нема да има максимална совесност, бидејќи ни го давате на доверба најскапото, Вашиот или животот на Вашите најмили, но немојте да жигосување по првите сензационални написи по порталите – потенцира Беќаровски.

Тој додава дека вистината секогаш на крајот излегува на виделина, но траумите нанесени на инволвираниот персонал остануваат, а премногу малку бели мантили останавме.

– На крајот моето најдлабоко сочувство до семејството на починатото ангелче и искрена подршка за колегите од битолската болница кои не го затемнија белиот мантил, а преживеа невидени стресови – додава Беќаровски.  Целото обраќање може да го прочитате на следниов линк.

Попладнево Државниот санитарен и здравствен инспекторат објави дека изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола – одделение за педијатрија во врска со  лекувањето и третманот на починатиот пациент Јана Христовска од с. Кравари-Битола, и согласно надлежностите изврши увид во медицинската евиденција и документација која се води на одделението во рачна и електронска форма како и обезбеди  изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на лицето, при што ја констатира следната фактичка состојба:

–  Детето било донесено за преглед на одделението на 22.03.2023г. околу 10,00 ч. без претходен упат од матичен доктор. Била примена на преглед специјалист педијатар, кој искреирал „итен упат“ со упатна дијагноза E86 – дехидратација во 10:07ч. Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грло, заради кое мајката и дала сируп Co-almacin.  Ден пред прием е без покачена температура , со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете по што мајката го прекинала сирупот.

Од клиничкиот преглед во наодот констатиран е присутен оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик. Потоа креиран е упат за биохемиска лабораторија – уринарен, глуциден и ацидобазен статус, земени се примероци од крв и урина за анализа  и потоа ординирана терапија –„Хипоглусал 1„  – 500мл. ( 250 мл.5% Глукоза и 250 мл.0,9% Натриум хлорид) и amp. Bedoxin. По добиените резултати, во 10:45ч земени се и проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус.

По завршување на инфузијата состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија и сомнолентност. Докторката која извршила првично преглед  побара помош од вториот присутен педијатар. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено е на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи во 12.34 ч и во 12.42 ч. и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог од установата. Во меѓувреме детето прави срцев застој  по што е  направена е реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти – педијатри од ЈЗУ УК за детски болести од оддел за кардиологија и за неврологија  за транспорт во таа здравствена установа. По препорака на специјалистот – анестезиолог во болницата  направени се дополнителни анализи на ензимскиот и ацидобазниот статус ( креатин киназа и тропонин ) во 13.34ч и во 13.49ч. Поради дополнително влошување на состојбата, во 14,00 ч детето е пренесено во службата за интензивно лекување САРИЛ каде е направена кардио пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана  смрт во 15.20 ч.

По изјава на двете докторки – специјалисти педијатри  по добиените  резултати од направените ензимски иследувања за  покачени показатели за срцево страдање  (креатин киназа и тропонин ) известена е мајката на детето за сериозноста на состојбата. Телото на починатото дете е дадено на обдукција.

Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на ДСЗИ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons