Бајден: Путин со прекинот на огнот се обидува да „земе здив“
Рускиот претседател Владимир Путин се обидува „земе здив“ со прогласувањето 36-часовен прекин на огнот, изјави денеска американскиот претседател Џозеф Бајден пред новинарите во Белата куќа, одговарајќи на прашање за предлогот на Москва за воспоставување примирје.
„Беше подготвен да бомбардира болници, градинки и цркви“ на 25 декември и на Нова година, рече Бајден, додавајќи: „Мислам дека се обидува да земе здив“.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс го нарече прекинот на огнот на Путин „циничен“, велејќи: „Ние не веруваме многу во намерите зад оваа објава“.
Тој изрази загриженост дека Русија ќе ја искористи паузата за да се „прегрупира, да се одмори и на крај повторно да нападне“ и рече дека Путин можеби ќе се обиде да го „залаже светот“ правејќи да изгледа дека сака мир.
„Ова не изгледа како промена на текот на војната“, рече тој.
„Доколку Русија беше навистина сериозна за мирот, за завршување на оваа војна, таа ќе ги повлечеше своите сили од суверената територија на Украина.“
Кремљ претходно денеска објави дека Путин му наредил на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да воведе дводневен прекин на огнот долж целата линија на фронтот со Украина за време на Бадник и Божиќ, почнувајќи напладне на 6 јануари и завршувајќи на 7 јануари, по апелот на патријархот Кирил од Руската православна црква.
Советникот на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Михаил Подолјак, изјави дека примирје ќе дојде дури кога Русија ќе ги напушти териториите во Украина што ги окупирала.