Апелација ја укина пресудата за „Организатори на 27 април“, предметот се враќа на повторно судење

Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите и ја укина првостепената пресуда за случајот Организатори на 27 Април од 26.07.2021 година и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.

Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-121/21, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Т.В., С.Р., М.Ј., сите од С. и В.А од Д., со привремено престојувалиште во С., ја укина првостепената пресуда КОК.бр.2/20 од 26.07.2021 година и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје, Специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција, се вели во соопштението од Апелација.

Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во оваа фаза на постапката, Апелациониот суд одлучи дека е беспредметна.

Мерките за претпазливост спрема обвинетите Трајко Вељановски и Владимир Атанасовски остануваат во сила.

Поради големиот интерес и транспарентност во работењето, судискиот совет на Апелациониот суд Скопје информира дека при разгледување на првостепената пресуда, оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик, посочуваат од Апелација.

Вака донесената одлука, посочуваат од Апелација, ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

Основниот кривичен суд Скопје на 26 јули 2021 година им изрече вкупно 25 години затвор на четворицата обвинети за случајот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“ и тоа 6 и пол години казна затвор за поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, 6 години и три месеци казна затвор за екс-министерот за образование Спиро Ристовски, и 6 години и три месеци казна затвор за министерот за транспорт Миле Јанкиески, додека на екс директорот на УБК Владимир Атанасовски шест години казна затвор.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons