Агелер: Црната листа на САД функционира, ќе има уште имиња зашто имате епидемија од копрупција 

Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска оцени дека во Македонија „има епидемија од копрупција“ и најави дека на „црната листа“ за санкции ќе се најдат уште имиња. Во однос на изјавата на бизнисменот Кочо Анѓушев дека ќа ја обжали одлуката на Стејт департментот кој го стави на црната листа „заради значителна корупција“, Агелер вели дека таквите одлики не се носат лесно, но дека се следат позитивните законски прописи при изрекувањето на санкции.

Американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер денеска изјави дека постојат различни начини и во различни етапи за да се изрази незадоволството на лицата кои САД ги поместуваат на „црната листа“. Таа денеска за време на посета на Криволак одговараше за новинарски прашања во врска со најавите на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев дека ќе ја обжали одлуката на Стејт департментот, кој го стави на „црната листа“ поради значителна корупција. Таа повтори дека листата ќе се проширува со нови лица, но не кажа кога и со кого, нагласувајќи дека не може да предвиди што ќе одлучи Вашингтон.

„Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на црната листа можат да пријават незадоволство, но во секој случај ние имавме најавено санкција. Оваа санкција е воведена и ова не е нешто што лесно го прифаќаме и лесно го спроведуваме, но сепак ги следиме позитивните законски прописи на САД при воведувањето на ваквите санкции. Сите ве уверувам дека ќе има и други имиња. Нема конкретна временска рамка кога ќе се објават“, рече Агелер, додавајќи дека во земјава има епидемија на корупција, која треба да биде спречена.

Американскиот Стејт департмент во вторникот објави дека го означува Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во Соединетите Американски држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.ѓ

„Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени“, објави Агелер тогаш на платформата Х.

Анѓушев, пак, во соопштение до медиумите ги негираше сите сомневања изразени од Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката. Тој, исто така, посочува дека има фирми и во САД, и како што вели, е американски даночен обврзник.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons