Свет

Хашим Тачи доби нова затворска казна

Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи денеска во Хаг беше осуден на 17 месеци затвор поради попречување на правдата, откривање доверливи информации и непочитување на судот. Судот утврди дека во текот на 2023 година, додека бил во притвор, се обидувал да влијае врз сведоци во постапката во која е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, соопштија Специјализираните совети на Косово.

Тачи им откривал доверливи информации за сведоците на лицата што го посетувале во притворот, а преку нив им испраќал и упатства за тоа како треба да сведочат пред судот. Во истата постапка се осудени уште тројца обвинети, додека еден е ослободен од сите обвиненија.

Судот утврди дека Тачи на 2 јули 2023 година, за време на посетата во притворот, му дал упатства на Фадил Фазлиу, наменети за сведокот Рустем Мустафа. Фазлиу веќе следниот ден се сретнал со Мустафа и му ги пренел пораките, меѓу кои и упатството пред обвинителството да негира дека примил какви било пораки од Тачи.

Сличен обид за влијание врз сведок бил утврден и во октомври истата година. Тачи му дал писмени упатства на Башким Смакај за сведочењето на Бисљим Зирапи, а истражителите подоцна ги пронашле при претресот на домот на Смакај.

Судот заклучи дека Тачи и неговите соработници заеднички се обидувале да ја попречат работата на правосудството. Тачи беше прогласен за виновен и за прекршување на забраната за контактирање со сведоците на обвинителството, како и за откривање доверливи информации.

Башким Смакај и Фадил Фазлиу беа осудени на по 12 месеци затвор, но веднаш беа пуштени на слобода бидејќи во казната им беше пресметано времето поминато во притвор. Хајредин Кучи доби условна затворска казна од еден месец, која нема да биде извршена доколку во текот на една година не стори ново кривично дело.

Исни Киљај беше ослободен од сите обвиненија. Судот утврди дека Тачи му дал упатства за сведочењето на еден заштитен сведок и примероци од неговите претходни изјави, но немало доволно докази дека Киљај се обидел да му ги пренесе тие упатства на сведокот.

При изрекувањето на пресудата, судијата ја истакна тежината на кривичните дела, нагласувајќи дека попречувањето на правосудството во текот на судска постапка претставува напад врз интегритетот на правосудниот систем.

Постапката за попречување на правдата е поврзана со одделниот предмет против Тачи и други поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кој се однесува на воени злосторства и злосторства против човештвото.

Тачи беше претседател на Косово од 2016 до 2020 година, кога поднесе оставка по потврдувањето на обвинението за воени злосторства. Во септември годинава, во Хаг, беше осуден во првостепена постапка на 25 години затвор за воени злосторства, меѓу кои убиства, мачења и незаконски притворања. Новата казна од 17 месеци затвор ќе ја издржува одделно од претходно изречената казна.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons