Македонија

Уште 20 институции ќе ги заменат хартиените документи со електронски

Уште 20 институции во наредните три месеци ќе се приклучат на државниот систем за електронско управување со документи и електронско архивирање, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Според министерот, целта е административните постапки да се одвиваат целосно електронски, од поднесувањето на барањето до потпишувањето и архивирањето на документите.

Андоновски на прес-конференција посветена на Извештајот на Европската комисија за 2026 година рече дека земјава постигнала напредок во областа на дигиталната трансформација и на медиумите. Според оценката на Комисијата, подготвеноста на Македонија во оваа област за првпат е оценета меѓу умерена и добра, наместо само како умерена.

Министерот ги издвои електронските услуги, размената на податоци меѓу институциите, електронското управување со документи, сајбер-безбедноста и вештачката интелигенција како пет клучни области во кои се спроведуваат активности.

До крајот на август на националниот портал биле достапни 338 услуги, вклучително и услуги што само делумно се вршат електронски. Следната цел е граѓаните да можат целосно онлајн да ги завршуваат административните постапки, без да мора да одат на шалтер за да поднесат барање или за да подигнат документ.

„Институциите мора да разменуваат податоци, а не граѓаните документи“, порача Андоновски.

Тој информираше дека бројот на месечни трансакции преку платформата за размена на податоци меѓу институциите пораснал од 700.000 во 2024 година на 5,2 милиони во 2026 година.

Тој најави и натамошно унапредување на дигиталниот паричник, преку кој граѓаните ќе можат да користат документи и јавни услуги од мобилен телефон.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons