Судењето за „Пулс“ е прекинато, на адвокат му се слошило
Денешното судење за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани е во прекин откако на еден од адвокатите во судницата му се слошило, објави „Скопје1“.
Адвокатот бил упатен на преглед во Брзата помош, по што судењето било прекинато. Паузата трае скоро цел час, а засега нема информација во кој момент рочиштето ќе продолжи.
Прекинот предизвикал незадоволство кај родителите на жртвите, кои реагираат дека со ваквите прекини дополнително се оддолжува судскиот процес.
Судот засега нема соопштено кога ќе продолжи денешното рочиште.
Инаку, во големата судница во Идризово, на 52. рочиште денеска продолжи сведочењето на градежен вештак предложен од првообвинетиот Дејан Јованов.
По неколкуте претходни рочишта на кои вештакот беше испрашуван од адвокатите на обвинетите, денеска на ред беше Јавното обвинителство со вкрстено испрашување.
На претходните рочишта вештакот, меѓу другото, изјавил дека објектот „Пулс“ имал три влеза и три излези, дека кровната конструкција не била оштетена во големиот пожар и дека статиката на објектот не била оштетена.



