Македонија

Строги контроли за лиценци за казина и обложувалници: Министерството за финансии донесе нов Правилник за приредувачите на игри на среќа

Министерството за финансии донесе нов Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, кој произлегува од новиот Закон за игрите на среќа донесен во јуни оваа година.

Со овој подзаконски акт детално се дефинира потребната документација за потврдување на репутацијата на сите правни и физички лица кои поднесуваат барање за лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или затворена томбола.

Барателите на лиценци ќе мора со соодветни документи да докажат дека ги исполнуваат сите услови, пред сè дека немаат изречени санкции за забрана за вршење професија или забрана за приредување игри на среќа, како и други околности значајни за оваа дејност.

Правилникот исто така воспоставува построга контрола врз потеклото на парите во основната главнина. Преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси, Министерството за финансии ќе го проверува непрекинатиот траг на парите од нивниот извор до уплатата во друштвото.

Со правилникот дополнително се уредуваат и постапките при промена на сопственичката структура, промена на главнината и именувањето на членовите во органите на управување и надзор.

Новите правила овозможуваат ценење на репутацијата на содружниците, соработниците и членовите на органите на управување како клучен фактор во спречувањето на перење пари и финансирање тероризам.

Целта на новиот Закон за игри на среќа и придружниот правилник е да се воспостави современа, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons