МакедонијаНајново

Средношколците бараат бесплатен автобуски и железнички превоз во сите региони од државата 

Сојузот на средношколци подготви закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование со кои ќе се воведе правилен превоз за сите средношколци на територија на целата држава. Со нашиов предлог сите средношколци ќе го добијат правото на бесплатен автобуски и железнички превоз во сите региони во текот на целата календарска година, истакна претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ, на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека тимовите на Сојузот подготвиле две предлог законски решенија кои за брзо време ќе можат да влезат во собраниска процедура. Првото, како што наведе, се однесува на бесплатниот превоз за сите средношколци.

– Моменталната состојба е поразителна: сите се сеќаваме на случајот во Радовиш каде 66 средношколци две недели немаа превоз до училиште. Самиот систем е дискриминирачки – средношколците кои живеат на растојание помало од 2,5 километри од нивното училиште како и тие во приватните училишта немаат право на бесплатен превоз. Тие кои го имаат, пак, го губат правото за време на распустот што се намалува нивната мобилност, нагласи Павиќевиќ.

Тој додаде дека оствариле и средба со градоначалничката на Скопје и оти нивните идеи наишле на поддршка и разборање. Начелно договориле и состанок со Управниот одбор на ЗЕЛС.

Павиќевиќ информираше дека подготвиле и предлог-закон со кој ќе се гарантирааат ученички совети во секое училиште, нивна независност од другите органи на училишната управа и демократски и непосредни избори за претседателите на ученичките совети.

– Средношколското организирање е круцијално за канализирањето на гласот на средношколците и исполнување на нивните барања и интереси. Моментално истото не е регулирано со закон туку е оставено на добрата волја на училиштата. Ова дозволува честопати во училиштата воопшто да нема демократски претставници на учениците или пак тие да бидат именувани од страна на директорите. Ова мора да се промени. Долго време преку различни иницијативи заедно со ИДУЕП, КАС и ЛЕАД ги најавуваме нашите реформски зафати. Овој предлог-закон е подготвен. Тој гарантира постоење на ученички совети во секое училиште, нивна независност од другите органи на училишната управа и демократски и непосредни избори за претседателите на ученичките совети, наведе Павиќевиќ.

Тој информира дека Сојузот на средношколци и официјално добил кандидатски статус за членство во Организирачкото биро на европските средношколски сојузи (OBESSU).

На новинарско прашање во врска со нивниот став за протестот на СОНК, од Сојузот истакнаа дека „кога тие штрајкуваат професорите им пишуваат неоправдани“ и запрашаа „кој ќе им пишува неоправдани на професорите?“.

– Не би сакале да го коментраме најавениот штајк на СОНК, меѓутоа мора да кажеме дека правото на образование е уставно загарантирано. Државата како знае и умее мора да го обезбеди за сите ученици, без прекин. На пример кога учениците штрајкуваат професорите им пишуваат неоправдани и честопати се осудува бојкотот од страна на учениците, така што прашањето е кој ќе им пишува сега неоправдани на професорите? Треба да се поттикнува солидарноста меѓу сите учесници во образовниот процес. Поквалитетен образовен систем е во интерес на сите, истакна Павиќевиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons