Рекордни цени и масовна побарувачка во Македонија: 220 милиони евра повеќе за недвижнини 

Минатата година поскапувањето на недвижнините и зголемениот број на продажби предизвикале 220 милиони евра повеќе потрошени за ваков тип на имот, покажува извештајот на Агенцијата за катастар за 2021.

Во текот на изминатата година вкупната вредност на регистрираните купопродажни кај нотарите изнесува 914 милиони евра, додека во 2020 сумата која била потрошена е 693 милиони евра. Кај класичните продажби има пораст за 185 милиони евра, односно тука биле потрошени 687 милиони евра. Поактивни биле и инвеститорите. Тие потрошиле 219 милиони евра, односно 120 повеќе од една година претходно.

Рапидно пораснал и бројот на купопродажби, па така во 2021 биле регистрирани 24.229 трансакции на недвижен имот. Тоа е дури за 5,474 повеќе трансакции од првата пандемиска година.

Од Агенцијата за катастар на недвижности ни одговорија дека не постои посебна евиденција само за купени, односно продадени станови и дека за оваа категорија нема посебна база на податоци.

Рекорден раст на цените на недвижнините во последното тромесечје од 2021 бележи Народна банка. Таму стои дека становите поскапеле за дури 11,2 процентни поени на годишно ниво. Ваков раст не е регистриран во последната деценија, односно од бумот во 2009 година.

Поскапувањето што на квартално ниво го објави Народната банка е историско и ако се споредува со претходните три месеци. Имено во октомври, ноември и декември недвижнините биле поскапи за дури 5,2 проценти од јули, август и септември. 

Бројките на НБМ говорат дека само во февруари, македонските граѓани се задолжиле за нови 12 милиони евра кај некоја од домашните банки за да дојдат до сопствен дом, односно да купат или куќа или стан. Ако гледаме вкупно, пак, населението од земјава на крајот на февруари им должело на банките дури 1,112 милијарди евра по основ на станбени кртедити.

Во земјава поскапуваат становите, но не само новите, туку и старите. Ова го потврдуваат од агенциите за недвижен имот ширум Maкедонија.  Велат дека денес имаме цени какви немало претходно. Тоа се случува поради општото поскапување, а во некои градови и поради големата побарувачката на станови.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons