Спречен увоз на 2,8 тони нејодирана сол декларирана како индустриска
Царински службеници од Царинската испостава Скопје 3 спречиле нелегален увоз на 2,8 тони нејодирана сол, соопшти Царинската управа.
Случајот бил откриен при контрола на пратка декларирана како индустриска сол. Увозникот, кој е производител на храна, приложил изјава дека солта ќе се користи за индустриски цели.
При контролата било утврдено дека станува збор за нејодирана сол, а не за индустриска сол, како што било наведено во изјавата и во увозната царинска декларација.
– Согласно македонската легислатива, солта која се употребува во прехраната треба задолжително да биде јодирана поради штетните последици врз здравјето на граѓаните од консумација на нејодирана сол. Против осомничените е поведена соодветна постапка, а согласно решението добиено од Агенцијата за храна и ветеринарство, солта е уништена на депонијата Дрисла – велат од Царинската управа.
Оттаму посочуваат дека откривањето царински измами со храна е еден од главните приоритети на Управата, со цел да се заштити здравјето на граѓаните. За таа цел, минатата година Царинската управа и Агенцијата за храна и ветеринарство склучија меморандум за размена на податоци, со што, според Управата, значително се унапредила борбата против криминалот поврзан со храната.






