Работник загина откако падна во необезбедено окно за лифт во Охрид – обвинети две лица и две фирми
Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинителен предлог против две физички и две правни лица за смртта на работникот Кристијан Љушев, кој паднал во окно за лифт во зграда во изградба. Според Обвинителството, отворот не бил обезбеден со ограда, а работникот бил ангажиран без договор за вработување и без обука за безбедност при работа.
Несреќата се случила на 12 јануари наутро, кога четворица работници влегле во зградата носејќи дел од мебел. На четвртиот кат, Љушев се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал низ отворот за лифт до подрумските простории. Од здобиените повреди починал на самото место.
Обвинителството го товари одговорното лице кај инвеститорот дека не го обезбедило отворот за лифт, не поставило огради на скалите и не го осигурило влезот за да спречи пристап на неовластени лица. Според обвинителниот предлог, на градилиштето имало и градежен шут и отпад.
Со обвинителниот предлог се опфатени и фирмата што ги ангажирала работниците и нејзиниот управител. Според ОЈО, Љушев работел како помошник-монтер без да биде пријавен, без здравствен преглед и без упатства за безбедно работење во објект во изградба. Работниците добиле устен налог од управителот, без претходен увид и процена на ризикот на работното место.
Обвинителниот предлог се однесува на тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа. Обвинителот побара од Основниот суд во Охрид да им забрани статусни промени на двете фирми во текот на постапката.



