Според Министерството за правда може да има здружение „Ванчо Михајлов“, но не и „Млади за Македонија“ 

Управниот суд на 14 септември ќе донесе одлука дали ќе ја уважи жалбата на невладиното здружение „Млади за Македонија“, чие име е оспорено од Министерството за правда уште од 2018 година, бидејќи во себе не ја содржи претставката „Северна“. Министерството за правда пред две години не дозволи регистрација на здружение со име „Млади за Македонија“. Управниот суд вчера одржа јавна расправа.

Во одговорот до Управниот суд, Министерството за правда вели дека остануваат на донесеното решение со кое според Законот за здруженија се забранува употребата на терминот Македонија, кој може да се употребува само со одобрение од ресорното министерство.

По вчерашната јавна расправа во Управниот суд, застапникот на невладиното студентско здружение „Млади за Македонија“, адвокатот Тони Менкиноски, изјави дека ова здружение има генетско право да се идентификува како македонско и да го користи поимот Македонија.

Користењето на името „Македонија“ е основно човеково и генетско право и за овој предмет ќе одиме до крај, истакнаа адвокатот Тони Менкиноски и тужителот Димитар Џундев по јавната расправа во Управниот суд. Тие бараат поништување на решението на Министерството за правда и регистрација на здружението „Млади за Македонија“ од Гевгелија.

Менкиноски изјави дека Министерството за правда во овој случај постапува исто како и бугарските власти кога забрануваат да се идентификуваат Македонците во Бугарија. Тој е инаку e и правен застапник на Македонците од Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур,

„Сега сме пред круцијална одлука на Управниот суд. Ние денеска ги изложивме аргументите дека тоа е наше генетеско право, кое го имаме, кое сме го наследиле, и согласно европската Конвенција за човекови права, Универзалната декларација за човекови права, го имаме правото да се идентификуваме како Македонци и да го користиме поимот Македонија“, вели Менкиноски и најавува можно продолжување на случајот пред судот во Стразбур.

Димитар Џундев од „Млади за Македонија“ пред управните судии тврдеше дека им е повредено правото на самоопределување предупредувајќи дека се создава негативна пракса за секој кој ќе сака да основа здружение и да го користи името Македонија.

„Ние имаме света обврска да не се предадеме и да се бориме се додека не докажеме дека наше основно човеково право е да го користиме името Македонија бидејќи тоа е загарантирано со Универзалната декларација за човекови права, и ние сме живи луѓе и имаме апсолутно право да се повикаме на сите права што ги имаат сите луѓе во светот. Само ако го користите името Македонија, државава вам ви прави проблем“, изјави Џундев, основач на здруежението „Млади за Македонија“ од Гевгелија.

Претставникот на Министерството за правда пред судот тврдеше дека решението е донесено врз основа на уставните амандмани, а во одговорот со кој го одбиле барањето на здружението се повикале на насоките околу употребата на новото уставно име дека: „Сите органи на државната управа и останатите институции кои немаат статус на органи на државна управа, треба во целокупната внатрешна и меѓународна официјална комуникација да го користат уставното име или краткото име“.

Проблемот со називите на здруженијата особено се актуленираше по отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Управниот суд или ќе испише историја со тоа што ќе ја прифати тужбата или ќе ја потврди октроираната одлука на Министерството за правда, со која употребата на името Македонија ќе им биде ограничена, не само на посоченото здружение, туку и на сите Македонци, кажа Менкиноски во завршните зборови и додаде дека судот треба да го прифати тужбеното барање и да дозволи употреба на терминот „Македонија“, согласно праксата на Европскиот суд за човекови права која е задолжителна согласно протоколот 14.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons