Актуелно

Спасувачка акција на Пелистер: Повредено лице со скршеници на двете нозе извлечено од непристапен терен

Повредено лице со скршеници на двете потколеници попладнево е успешно извлечено од непристапен терен над Мало Езеро на Пелистер, информира Центарот за управување со кризи.

Повикот за помош бил примен на Единствениот број за итни повици 112 во 12:04 часот. Повреденото лице било во свесна состојба, но при движење имало и крварење, по што веднаш биле активирани Итната медицинска помош, СВР Битола, ДЗС Битола, ТППЕ Битола и Националниот парк „Пелистер“.

Поради тешко пристапниот терен била побарана и воздушна поддршка, но во меѓувреме тимот на ДЗС успеал да стигне до повреденото лице и со теренско возило да започне негово извлекување.

„Во 13:45 часот екипите на ДЗС Битола и Националниот парк ‘Пелистер’ се пресретнале кај местото Ловечка Куќа, каде лекар од Итната медицинска помош му укажал медицинска помош на повредениот“, информираат од ЦУК.

Лицето потоа било транспортирано до Инфоцентарот на Пелистер, од каде екипа на Итната медицинска помош ќе го пренесе во Клиничката болница во Битола за понатамошно лекување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons