Со маркетите се договара инфлацијата и цените на основните производи да останат под 3 проценти
Додека профитите на трговците упорно удираат по џебот на граѓаните, државата се сети да го вклучи последниот аларм.
По месеци толеранција, Владата ги става маркетите под лупа со ултиматум – или итно и доброволно кратење на профитите кај основните производи, или јавно жигосување и ригорозни санкции.
Граѓаните со коишто поразговаравме велат дека мерката можеби е добра но се скептични дека ќе вроди со плод и пониски цени.
Владата и најголемите синџири на маркети постигнале согласност да работат на намалување на растот на цените на основните прехранбени производи,вели премирот Христијан Мицкоски. Целта е инфлацијата кај храната да стигне под три проценти.
Државниот пазарен инспекторат доби задача да направи компаративна анализа помеѓу цените на еден ист производ кај добавувачите кон маркетите и цените на маркетите кон потрошувачите.



