Рудари, пожарникари, војници… од Македонија заминаа на помош во Турција, Сали бара лекари доброволци

Војници, пожарникари, рудари… од Македонија се упатуваат на помош кон Турција каде разорниот земјотрес уби до сега над 4.000 луѓе. Во спасувачка мисија заминаа претставници од Дирекцијата за заштита и спасување, од Армијата, а екипа испрати и Град Скопје. На помош заминаа и рудари од Пробиштип, а министерот за здравство Беким Сали повика сите лекари кои сакаат да учествуваат во хуманитарна мисија и помош за настраданите од земјотресот, да се пријават на следниот линк. 

„Ве повикувам сите кои сте подготвени да учествувате во тековните хуманитарни активности во Република Турција по разорниот земјотрес. Вашето знаење и искуство во областа на медицината се непроценливи, а секоја помош во вакви случаи е добредојдена. Доколку сте заинтересирани да учествувате, пополнете го формуларот на линкот подолу, а ние ќе обезбедиме дополнителна логистика. Ве повикувам да ни се придружите и да ја покажеме нашата солидарност и знаење со цел да им помогнеме на тие на кои им е навистина потребно“, стои во повикот на Сали. 

Од Град Скопје соопштија дека како првична и интервентна мерка испратиле екипа на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје кон Газиантеп каде ќе биде ставена на целосно располагање на турските власти за сите потреби на спасувачката акција.

„На утрешната седница на Советот на град Скопје предложивме и точка на дневен ред за одобрување на 6 милиони денари првична хуманитарна помош за Турција и Сирија. Во контакт сме и со локалните власти од Газиантеп, и се што ќе произлезе како потреба на тамошните власти, градот Скопје го става на располагање“, соопштија од Град Скопје. 

И екипа на рудари, вработени во рудникот „Булмак 2016″ во Пробиштип заминаа за Турција да помогнат на луѓето кои се погодени од силниот земјотрес во Турција. Информацијата ја соопшти градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов.

„Веста за катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија не погоди сите, во вакви моменти ја покажуваме хуманоста и солидарноста на нашите граѓани. Екипа вработени рудари од рудникот „Булмак 2016″, во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, утрово замина за Турција да помогнат на луѓето кои се погодени од силниот земјотрес. Им посакуваме успешно да ја завршат својата хумана мисија“, вели Анастасов.

Тој на сите граѓани од Турција и Сирија, им изразува најдлабоко сочувтсво за големите човечки загуби.

„Сите заинтересирани правни субјекти и граѓани можат да донираат парична помош на: Сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија. како и да се донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1“, додаде Анастасов.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons