Ревизија на неутралноста: Швајцарците на референдум поддржаа ублажување на правилата за извоз на оружје
Швајцарските гласачи денес со тесно мнозинство го одобрија олабавувањето на регулативите за извоз на оружје на референдумот инициран од левичарските партии и невладините организации за да ја оспорат новата реформа, а резултатите од проекциите беа објавени по затворањето на гласачките места.
Според податоците од институтот за анкети gfs.bern, 54 отсто од гласачите ја одобруваат измената на законот, но оваа почетна проекција допрва треба да ја потврдат конечните резултати.
Соочен со влошената геополитичка ситуација, швајцарскиот парламент го попушти федералниот закон за воен материјал за да го олесни извозот во 36 партнерски држави, но под услов тој извоз да не му обезбеди на никого „воена предност“ во одреден конфликт, што е во согласност со швајцарскиот модел на неутралност.
На оваа листа се вклучени европските земји, но и Аргентина, Австралија, Канада, Соединетите Американски Држави, Јапонија и Нов Зеланд.
Дополнителна цел на реформата, која е поддржана од десницата и центарот, е да ѝ се овозможи на владата да отстапи од условите кои се применуваат на државите кои не се партнерски во случај на „вонредни околности“.
Се олабавуваат и правилата кои им овозможуваат на земјите што купуваат швајцарска воена опрема подоцна да ја испорачаат во други земји.
Социјалистите, Зелените и невладините организации собраа доволно потписи за да покренат референдум против реформата. Моника Мер-Хефти, претседателка на Каритас Швајцарија, ја осуди реформата бидејќи, како што кажа, „значително го зголемува ризикот швајцарското оружје индиректно да заврши во граѓански војни или во рацете на оние режими кои го кршат законот“.
Според заговорниците на промената на законот, ова олабавување на правилата треба да ѝ овозможи на швајцарската индустрија за оружје да остане конкурентна и да ја одржи својата интеграција во меѓународните синџири на снабдување.
Според мислењето на Иван Пахуд, пратеник во парламентот од Швајцарската народна партија (СВП, радикална десница), ова се однесува и на „зачувување, на швајцарска територија, на вештините кои се неопходни за нашата независност и безбедност“.
Според проценките на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), Швајцарија е на 20-то место меѓу земјите извознички на оружје во периодот од 2021 до 2025 година.
По падот забележан во текот на две последователни години, швајцарскиот извоз на воена опрема се зголеми за 43 проценти – на 948,2 милиони франци (или повеќе од една милијарда евра).
Но, тој сектор претставува само 0,21 процент од вкупниот извоз на швајцарска стока, од кои повеќе од 86 проценти се наменети за европските земји.
Противниците на реформата ја критикуваат затоа што не вклучува никакви мерки за поддршка на Украина и покрај таквите барања кои, од почетокот на конфликтот во 2022 година, ги испратија неколку европски земји.
„Со оглед на тоа што Швајцарија се придржува до ембаргото за воена опрема од Русија, таквата опрема не треба да се испорачува ниту во Украина“, објасни Министерството за економија.
Но, поради тоа што гласот „за“ победи на референдумот, и индиректните трансфери до Украина ќе продолжат да бидат предмет на ограничувања. За Швајцарија сака да забрани оружјето извезено во една од 36-те држави партнери подоцна да го добие Киев, тогаш би можела да побара декларација за забрана за повторен извоз.
Противниците на реформата веруваат дека таа претставува закана за неутралноста на Швајцарија, иако Министерството за економија гарантира дека ќе биде дозволен само извоз кој ја почитува неутралноста, под закана со санкции кои би можеле да значат целосна забрана за продажба на оружје во конкретна земја.
Според проекциите, 55 проценти од Швајцарците денес го отфрлија зголемувањето на ДДВ.
Исто така, 61 отсто од нив ја одобрија иницијативата на активистите за права на животните да ја забранат продажбата и употребата на пиротехнички средства за бучни огномети.



