Македонија

РАСЧИСТЕНИ ДИЛЕМИТЕ ОКОЛУ БОЛЕДУВАЊАТА – Не се крати ниту еден ден

Предложените измени на правилата за боледување во јавноста предизвикаа бројни реакции и дилеми, со посебен фокус на прашањето зошто медицинските критериуми за продолжување се поместуваат од седмиот на петтиот ден. Во интервју за надминување на шпекулациите, генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, дециден е дека правото на боледување воопшто не се скратува.

– Прво, не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да знаат. Ниту денес боледувањето трае најмногу седум дена, ниту со измените ќе трае најмногу пет. Ако пациентот има медицинска потреба да биде на боледување 10, 20, 30 дена или подолго, тоа ќе трае колку што бара неговата здравствена состојба, истакнува Перински.



Според појаснувањето од ФЗО, клучната бројка останува 15 дена, односно периодот за кој матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа, додека за сè подолго од тоа одлучува лекарската комисија. Бројката од пет дена не го означува максималното времетраење на боледувањето, туку периодот во кој избраниот лекар може да утврди боледување врз основа на сопствената медицинска проценка, без примена на дополнителните критериуми за конкретната дијагноза. Доколку се бара продолжување по петтиот ден, матичниот лекар продолжува да го утврдува до 15 дена со соодветна специјалистичка или дијагностичка поддршка.

Реформите, освен најавените поефикасни контроли, носат и одредени олеснувања за пациентите и лекарите. Така, дополнителна дијагностика нема да се бара автоматски за секој пациент и секоја дијагноза, а кај дел од дијагнозите проценката целосно останува кај матичниот лекар без обврска за упатување на непотребни лабораториски испитувања. Дополнително, се најавуваат дигитализација на постапката и поширок круг на случаи во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons