Работниците во странство го удвоија испраќањето пари во Македонија

Македонските работници во странство во 2021 како дознаки испратиле 344,45 милиони евра, од кои 19,92 милиони биле одлив, покажуваат обработените податоци од Народна банка кои ни се испратени за минатата година.

Тоа е значителен прилив по официјалните канали како банки и брз трансфер на пари, според критериумите на НБ, ако се знае дека деценискиот просек од 2010 до 2020 беше редовно нешто повеќе или нешто помалку од 180 милиони евра. Отскокнување имаше и во 2020 со прилив од 262,04 милиони евра, според податоците на централната банка.

Податоците на Евростат објавени на крајот од минатата година покажаа дека во текот на 2020 година, од земјите на Европската Унија (ЕУ) кон балканските земји испратени се над 8,5 милијарди евра.

Според методологијата на Еуростат, во текот на 2020 година дијаспората испратила 361 милион евра во Македонија, што е околу 3,4 проценти од бруто-домашниот производ на земјата. Тоа е убедливо најмал процент на учество во БДП доколку се споредат податоците со земјите во Западен Балкан.

Од Народна банка често нагласуваат дека е тешко да се посочи на прецизен износ, поради поголемата застапеност на дознаки во готовина, колкава е вкупната и реална сума испратена од иселениците.

Според Народна банка, вообичаено од испратените пари, делот во готовинска форма го сочинуваат над 70 отсто од вкупните приватни трансфери, додека дознаките кои доаѓаат во нашата економија преку формалните канали е помалку од една третина.

Според проценките на НБ коишто се прават според методологија усогласена со Меѓународниот монетарен фонд, износот на овие дознаки, од 2009 година наваму, надминува една милијарда евра годишно, односно изнесува околу 16 проценти од БДП.

Кога станува збор за кешот, во 2021 година, на граничните премини пријавени се вкупно парични средства во противвредност на 13.818.674 евра што законски треба да се пријават над лимитот за влез во Македонија. Во 2021 година пријавени се за 128,25 отсто повеќе девизи во однос на 2020 година. 

Од вкупно пријавените девизи 10.927.705 се евра, 1.788.270 се швајцарски франци, 1.157.107 се американски долари, 10.556.476 се македонски денари, 200.000 се шведски круни, 116.905 се канадски долари и 8.000 се британски фунти .  Според извештајот на Царинската управа, најмногу девизни средства се пријавени на Блаце (противвредност на 8.154.327 евра) и на скопскиот аеродром (противвредност на 3.795.375 евра).

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons