Актуелно

Проширен инспекцискиот надзор за случајот со Ива Михаилова, утврдени се прекршоци во извештајот

Извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат за случајот со докторот Иван Барбов и пациентката Ива Михаилова е дополнет по барање на министерот за здравство Сашо Клековски, кој побарал да бидат опфатени сите здравствени установи во кои била лекувана пациентката.

Клековски на денешната прес-конференција појасни дека првичниот надзор бил спроведен по иницијатива на Клиниката за неврологија, но не го опфатил целиот тек на лекувањето и здравствените постапки во различните здравствени установи во Македонија.

Поради тоа, министерот побарал надзорот да биде проширен и на приватна здравствена установа во која Михаилова била лекувана во меѓувреме.

„Во оваа фаза веќе има констатирани прекршоци, а побаран е и стручен надзор за медицинскиот дел од извештајот“, изјави Клековски.

Клековски изјави дека со бугарската министерка за здравство постигнале премолчена согласност дека случајот со Ива Михаилова не е здравствено, туку правно прашање.

„Во основа, постигнавме премолчена согласност дека прашањето на Ива Михаилова не е здравствено прашање, туку прашање од областа на правдата, бидејќи лицето е бегалец од правдата и се бара со меѓународна потерница. Бидејќи тоа е прашање на правдата, а не здравствено прашање, не го разгледувавме“, рече министерот.

Ива Михаилова е обвинета за тешка сообраќајна несреќа во која загина младиот градежен работник Бесим Дурмиши, а уште три лица беа повредени.

По несреќата таа се лекувала во Скопје, а неврологот Иван Барбов препорачал да се разгледа можноста за продолжување на лекувањето во Бугарија. Случајот доби нова димензија откако Михаилова на 11 октомври ја напушти Македонија и замина во Бугарија, иако против неа се води судска постапка.

Нејзиното лекување и околностите под кои заминала во странство се предмет на проверки од надлежните институции, а по неа е распишана потерница.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons