Актуелно

Охрид домаќин на самитот Брдо-Бриони: Регионалните лидери разговараат за европската интеграција

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова утрово во Охрид ги пречека учесниците на самитот на Процесот Брдо-Бриони, заедно со коорганизаторите на средбата, претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар, и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.

По официјалниот пречек, започнува работниот дел од самитот, на кој учествуваат највисоките државни претставници од земјите на Западен Балкан.

Меѓу присутните се вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, како и претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина – Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ.

На самитот присуствуваат и претседателите на Албанија и Косово, Бајрам Бегај и Јустина Широка-Пула.

По завршувањето на средбата, во 14:30 часот е предвидена заедничка прес-конференција на претседателката Сиљановска-Давкова, Пирц-Мусар и Милановиќ. Во рамките на самитот ќе се одржат и билатерални средби меѓу учесниците.

Охрид е домаќин на третото македонско претседавање со Процесот Брдо-Бриони. Лидерите на земјите учеснички се среќаваат еднаш годишно, со цел одржување континуиран политички дијалог и унапредување на регионалната соработка.

Процесот Брдо-Бриони се темели на солидарност и партнерство меѓу земјите од регионот, со фокус на европската интеграција, зајакнување на меѓусебната доверба и интензивирање на дијалогот со Европската Унија.

Во фокусот на иницијативата се и регионалната соработка, инфраструктурните и транспортните проекти, енергетската политика, економскиот развој, како и размената на информации и ставови за актуелните политички и безбедносни предизвици во регионот и Европа.

Самитот претставува можност за заедничка анализа на европските и глобалните случувања, нивното влијание врз земјите од Западен Балкан и утврдување насоки за понатамошна соработка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons